Мегафон

Нова книга за деца – за прв пат кај нас! „Македонска илустрирана енциклопедија за деца“.

Нова книга за деца – за прв пат кај нас! „Македонска илустрирана енциклопедија за деца“.

Деновиве во издание на издавачката куќа ЕДУКА МАК од Скопје, излезе од печат првата „Македонска илустрирана енциклопедија за деца“  одавторите: м-р Ели Маказлиева, Татјана Грегова и Александра Велинова, а илустрациите се на Игор Јовчевски.

Оваа енциклопедија според својата оригиналност и единственост е прва од ваков вид во Република Македонија и е оригинално дело на тим македонски автори.

Рецензијата е доверена на проф. д-р Татјана Котева- Мојсовска и  проф. д-р Сузана Никодиновска- Банчотовска, двете професорки на Педагошкиот факултет како и на д-р Христо Петрески – писател, поет, есеист и книжевен теоретичар.

Енциклопедијата има за цел да ја поттикне љубопитноста и интересот кај децата за себе и својата татковина и првенствено  е наменета за деца од 5 до 10 годишна возраст, но има можност да ја користат сите деца и помалите и поголемите.

Содржините на ова уникатно дело имаат за цел, исто така, да влијаат на децата врз формирањето на сликата за себе , како и врз создавањето и негувањето на чувството на припадност и идентитет.  Дотолку повеќе што ова дело е создадено  од автори кои ги познаваат детските развојни карактеристики и потреби.

Во неа се обработени  39 тематски содржини кои даваат основни информации за татковината – Република Македонија, за нејзините убавини како и позначајни податоци прилагодени на возраста на детето.

Оригиналните илустрации на неверојатен начин ги презентираат содржините како неизоставни елементи кои ќе го дооформат впечатокот  на енциклопедијата.

Идејно-концепциската  и содржинската  структуираност на тематските содржини- од попросто кон посложено, дава посебен белег за приемчивост и достапност за децата, дополнувајќи го дефицитот на литература од ваков вид кај нас и создавајќи  драгоцен придонес во литературата за деца.

…„Почитувајќи ја идејата на авторката м-р Ели Маказлиева , да се направи едно вакво дело како и на нејзината долгогодишна и целокупна пишувачко-педагошка работа  во областа -литература за деца и млади, сметам дека со  ова дело е направен многу сериозен, но одличен обид да се создаде ваква книга – енциклопедија за деца, создадена со мајсторство, многу оригинална, уникатна и дефицитарна“…- меѓу другото напиша Христо Петрески во својата рецензија.

Првата „Македонска илустрирана енциклопедија за деца“  ќе биде промовирана во петок на 22.12.2017 година.