Мегафон

Нов проект на Џијан Емин и Тина Иванова: „Диши љубов“ во Македонска филхармонија

Нов проект на Џијан Емин и Тина Иванова: „Диши љубов“ во Македонска филхармонија

Музичко-визуелниот перформанс „Диши љубов“ ќе ја има својата премиера на 15 март (недела) во Концертната сала на Филхармонија. Станува збор за сосема нов, автентичен и уникатен проект со музика на композиторот и диригентот Џијан Емин и текстови на музикологот Тина Иванова, во кој музиката создадена низ песни се соединува со холограм, со тоа наметнувајќи му го епитетот мултимедијален, соопштија од Филхармонија.

Првпат во Македонија се реализира концерт кој ќе биде изведен со слика добиена со интерференција на светлосни бранови. За реализација на холограмот и воопшто за целосната визуелизација е задолжен Јохан Мелин од Шведска, кој зад себе има завидна биографија и како филмски режисер и писател.

„Диши љубов“ пее за љубовта, за Скопје, зборува за две суштински појави без кои човекот не би можел да опстои – воздухот и љубовта. Инспирацијата да се реализира овој концерт првично произлезе од проблемот со кој годиниве наназад се соочува Македонија – загадениот воздух и се што тоа повлекува со себе, особено свеста за екологијата и за човечкото здравје. Од друга страна, проектот се доживува и како чисто љубовен, бидејќи самата тематика се базира на онаа првична, наивна љубов, на взаемна страст помеѓу двајца партнери.
Концертот „Диши љубов“ е замислен да се реализира на две нивоа. Првото ниво е сочинето од десетина песни во изведба на Џијан Емин, вокал, гитара, синтисајзер, и музички уметници од Филхармонија. Второто ниво е нарација на расказ со љубовна тематика поткрепена со инструментална музика.

Покрај Џијан Емин и музички уметници од Филхармонија, на концертот учество ќе земат и оперска пејачка, како и актер задолжен за нарацијата. Автор на текстовите на сонговите, како и на расказот е музикологот Тина Иванова, чија инспирација за нивно создавање се токму споменатите тематики кои му даваат на целиот проект една сосема нова и поинаква димензија.

Концертот ќе биде целосно на македонски јазик, а музиката и лириката ја поседуваат онаа скопска, носталгична звучна естетика и влече корени од музиката од 80-тите и особено од музиката од 90-тите години на минатиот век создавана на американското и на британското музичко поднебје.

To top