Мегафон со мини концертна журка...

„Нокаут“ го промовираа новиот албум: „Што бараш ти во мојата песна?“ (ФОТО)

„Нокаут“ го промовираа новиот албум: „Што бараш ти во мојата песна?“ (ФОТО)

Еден од најдолговечните но и најпопуларни бендови на македонската музичка сцена, групата „Нокаут“  вчеравечер, понеделник, 16. октомври 2023 година, во една позната скопска пивница во „Дебар Мало“ го промовираа својот нов, 4-ти по ред студиски албум, насловен „Што бараш ти во мојата песна?“ 

Пред многубројните преставници на македонските медиуми, пријателите, колегите и полниот локал гости, Пере и екипата го претставија најдоброто од својата креативна работа во последниве 10 години, во вид на компилација од 14 одбрани песни кои досега не се нашле на носач на звук во последната деценија.

Промоцијата ја отвори музичкиот новинар и водител Антонио Димитриевски кој на своевиден начин ја раскажа приказната за историјата на бендот во неколку реченици, во чии зборови беа вткаени насловите на најголемите хитови и нaјважни песни на „Нокаут“.

Вистинска поп-рок сага за Пере и дружината низ која ко со временска машина промотерот ја водеше приказната… Oд АБЦ до последен здив… За нивната позитивна музичка фатална опсесија, нивните песни да им припаднат на оние заради кои бендот и постои – нивната пубика која и оваа вечер се радуваше со нив.

Особено по појавата на фронтменот Никола Перевски Пере на сцената, кој по воведниот поздрав и топлите зборови на благоарност и до присутните и до сите оние што придонеле новиот албум да звучи и изгледа како што изгледа, заедно со екипата од бендот отпаршија 4-5 нивни нумери.

Со тоа „Нокаут“ атмосферата за миг ја претворија во клубска журка по која никоја не зажали што се нашол  таму, ниту пак се запраша: „Што бараш ти во мојата песна? Зашто секоја отсвирена нота на бендот, секој тон и рефрен, беше дел од нивната песна, заради која вечерта се тука!

Но, креативно богатиот период за „Нокаут“ не завршува тука! Покрај промоцијата на албумот, бендот ги најави и анплагд концертите во Македонска филхармонија на 10. и 11. ноември, од кои првиот веќе експресно е распродаден уште првиот ден откако билетите беа пуштени во продажба.

„Почитувана публико, Ви Благодариме!
Концертот во Македонска Филхармонија е распродаден уште на првиот ден. Бидејќи интересот е сѐ уште голем, закажавме втор концерт за САБОТА 11 НОЕМВРИ.
Билетите се веќе во продажба на следниов линк:  https://mktickets.mk/event/nob2/“  – стои во објавата на групата. На вас е дали и таа вечер ќе се најдете и вие во нивната песна?

To top