Најавен со истоимената тема, деби-албумот „Балканизам“ на велешкиот рап-уметник Нешо ќе ја доживее својата промоција на 10 мај во пивницата „Паб“ во родниот Велес. Музичарот и член на хип-хоп групацијата „Авторизација“ на претстојниот настан премиерно ќе го претстави и видеото за дуетот со својата колешка и сограѓанка Валери Димовска – „Ќе биде“.
Освен Валери, на албумот гостуваат и колеги како што се Кацар, Влади Ортографија, Кискинов, Авторот и Бојан, како и матичната екипа „Авторизација“, а продуцент на материјалот е Темелко Андреев.
„Сè што сакаме да склопиме таа вечер на 10 мај е прекрасна дружба под отворено небо заедно со диџеј Попај зад грамофоните…. Ќе имате можност од таму поставениот штанд да си изберете и по некоја маичка или дуксер ’БАЛКАНИЗАМ’ изработени квалитетно од македонскиот бренд ’REVOLUTION’!“, пишува во соопштението за промоцијата, а за сите новости следете го настанот на Фејсбук.