Веруваме дека повеќето од Вас се сеќаваат кога во 2018 година малечката Марија Спасовска ја претставуваше нашата земја на детскиот „Евросонг“, кој тогаш се одржа во Минск – Белорусија.
Уште тогаш слаткото малечко девојченце од Скопје со преубав глас го привлече вниманието на домашната јавност, а многумина во старт веќе и предвидоа блескава музичка кариера.
Полека, но сигурно нејзиното време доаѓа па Марија „запливува“ во сериозните музички води. Ако во 2018 таа беше во категорија јуниори, денеска слободно ќе кажеме дека таа е зрела да се префрли во категорија сениори.
Марија Спасовска оваа година за првпат ќе дебитира на сцената на еден од нашите најстари и најпопуларни фестивали, фестивалот на забавни песни „Макфест 2022“ во Штип.
Спасовска заедно со својот тим веќе почнаа да ги прават подготовките за фестивалот, а она што е фасцинантно за некој на нејзина возраст, е тоа што Марија ќе настапи како кантавтор на ова нејзино дебитанско појавување на фестивалот.