Викендов, од 12 до 14 јули во Дојран ќе се одржува „Д фестивал“, единствениот музички фестивал на отворено кај нас со тридневна, богата програма и фестивалски камп. Со повеќе од 50 музички ѕвезди на шест музички бини и над 100 уметници и креативци кои ќе земат учество во бројните активности, перформанси и работилници кои ќе се одвиваат низ дваесетина различни зони на „Д фестивал“, комплетирана е програмата за деветтото по ред и досега најголемо издание на Фестивалот.
За официјалното отворање на годинешниот „Д фестивал“, в петок, на 12 јули задолжени се извонредните музички ѕвезди кои ќе настапат на главната бина, а во таа листа се запишуваат: врвниот уметник на македонската електронска музичка сцена Кирил Џајковски, со настап во живо и придружуван од вокалистот Лајон Ди (Lion D) и омилената на македонската публика Ти-Кеј Вондер (TK Wonder). Oд светската сцена премиерно пред македонската публика доаѓаат „Офенбах“ – париското хит-дуо кое ги покори топ-листите ширум светот, потоа најпочитуваното име на македонскиот андерграунг хип-хоп Страјк, како и хрватскиот музичар и автор на најслушаните хип-хоп песни во целиот регион, Војко В. Истиот ден, на втората по големина фестивалска бина „Москито“ позиционирана во срцето на зоната ПлоштАРТ и во непосредна близина на фестивалскиот камп, ќе настапат македонските „РИБ“, „Дизиз (Disease), „Фикшн“ (Fiction), но и уникатниот номадски бенд со бунтовен стил и див ритам „Сиди Вачо“ (Sidi Wacho).
Во програмата на бината „Лејк ауејк“ (Lake awake), омилената локација на фестивалските посетители за дочек на изгрејсонце покрај прекрасното Дојранско крајбрежје, а која во петокот вечерта ја предводи еден од најдобрите псајтранс и прогресив транс диџеи и продуценти на светската сцена Кептн Хук (Captain Hook), придружуван од македонските претставници на транс-жанрот – „Трајангулум“ (Triangulum), Форма (Forma) и диџеј Антрикс (Djantrix).
Во музичкиот храм или на „Црковната сцена“ (Church stage) на првиот фестивалски ден публиката ќе има прилика да ужива во настапот на виртуозот на рајските инструменти канун и саз, и композитор на музика зa култни театарски претстави – Џенгиз Ибраим. Новитет на „Д фестивал“ оваа година се уште две музички бини – „Смут“ (Smooth stage) резервирана пред сѐ за новите имиња на домашната музичка сцена, на која во петок ќе настапат „Дактили“, „Мизантроп“ и „С.А.М“, а каде што како резидент-диџеј секоја вечер, чест да ја затвори програмата на оваа бина ќе има диџеј Чарли, но и новото „Тивко диско“ (Silent disco) каде забавата за најжешкиот подиум во петок ќе ја лансираат тројца диџеи истовремено: Мартин Антена 5, Никола Лошковски и Емили.
Саботната вечер, на 13 јули на главната бина ќе имаме ексклузивна можност да погледнеме уште еден премиерен настап од светската музичка сцена и тоа на бејс-суперѕвездите и трикратни сопственици на наградите „Битпорт“ за најдобар драм-ен-бејс состав „Нојзија“ (Noisia), но и светскиот хитмејкер Махмут Орхан, моќните претставници на музичката авангарда „Дисциплина кичме“ и „Фолтин“. Најголемото изненадување на новата хрватска алтернативна сцена, бендот „Порто Морто“ и одличните македонски музички имиња„Паркети“, „Зибомб“ (Zeebomb) и Нешо Авторизација во саботата ќе настапат на сцената „Москито“. „Бината „Лејк ауејк“ оваа вечер е посветена на електронската техно-сцена која ќе ни ја претстават светската ѕвезда Tом Нови и докажаните македонски диџеи Никифор и Флудер. На „Црковната сцена“ во сабота ќе настапи гитарскиот великан Влатко Стефановски со акустичен настап. На сцената „Смут“ пак забавата за фестивалската публика започнува веќе во 11 часот претпладне со настапите на „Шорт-фјуз хироу“ (Short Fuse Hero), „Дисклас“ (Disclass) и екипата на „Бејс леб“ (Bass Lab), а сѐ до раните утрински часови ќе се танцува на подиумот на „Тивкото диско“ каде што во воведот во третиот ден на фестивалот ќе го донесат диџеите Алек Бошковиќ, Игор Радошевиќ и Милан Серафимов.
Третиот и последен фестивалски ден, во недела, 14 јули ќе ни ги донесе настапите на извонредната пејачка и текстописец која ја нарекуваат и постмодерна Били Холидеј, секогаш инспиративната Хинди Захра, една од водечките џез/хип-хоп вокалистки, феноменалната Акуа Нару, еден од најзначајните метал-бендови во светот, грајндкор-пионерите „Напалм дет“ и ска-панк бандата која се потпишува зад најпозитивната концертна атмосфера која сме ја искусиле на домашната сцена – „Суперхикс“ на главната бина.
На сцената „Москито“ ќе го погледнеме извонредниот музичко-театарски перформанс „Црнила Ремикс“, настапите на Бон Праскиза, Донплаја и Принцес Донацу од трап-колективот „МврСвр“, Александар Велики и „Бленд мишин и рутс еволушн“ (Blend Mishin & Roots Evolution). Бината „Лејк ауејк“ пак, во неделата прераснува во „Шејк д лејк“ (Shake D lake stage), на која пристигнува најсилната екипа од „Басивити“ (Bassivity), водечката хип-хоп куќа во регионов, Фокс, Сариал и Кукус (Fox, Surreal, Kuku$), а на која во улога на домаќини Шорти Пи и Ајри Скреч ја носат една од најактуелните скопски журки „Thursday Shake“. Уште една театарска претстава овој ден ќе погледнеме во „Црковната сцена“ каде што театарската трупа на Aртопија ќе ја изведе популарната „Да го поздравиш и да ми го бациш“.
Неделата е збогатена и со новиот програмски концепт „Семеен ден“ (FAMILY DAY), не само за децата туку за сите кои сè уште знаат да се радуваат како деца! Во рамките на оваа програма која не знае за граници кога е возраста во прашање, на сцената „Смут“ со свои настапи ни гостуваат „5+ БЕНД“ од телевизиската серија „5+ Фамилија“ и шоуто на Дарко Ѓурчиновски и Кристијан Шопов. За семејниот ден на „Д фестивал“ во Дојран ќе се продаваат и билети т.н. „Д фамилија“ со симболична цена од 200 денари, а кои на посетителите ќе им овозможат пристап во програмата од 9.00 до 21.00 часот.
Програмата вклучува и бројни работилници, изложби, дебати и перформанси во „ПлоштАрт“, бесплатна дневна програма на бината „Лејк ауејк“, базар на уметнички дела и ракотворби, многу различни атрактивни фестивалски зони исполнети со забавни предизвици, наградни игри, чил-аут катчиња и три дена исполнети со креативност и уметност во единствената тридневна фестивалска авантура кај нас.
Сите оние кои допрва ќе ги купуваат своите билети, организаторите ги советуваат да го сторат тоа најдоцна до 10 јули да го искористат последниот контингент од билетите со промо цени.