Кога е еден од најголемите христијански празници во прашање, секогаш во пресрет на Велигден покрај се друго, на памет ни паѓа и песната… И тоа онаа, најпознатата, легендарната која тогаш радијата најчесто ја вртат… „На Велигден“, напишана и испеана од македонскиот кантавтор Ѓорѓе Васиќ, алиас Џина Папас Џокси како што го познава јавноста по негвиот уметнички прекар.
Но, со текот на годините „На Велигден“ испадна дека не е само синоним за Џокси… Прв кој го преработи неговиот евергрин беше тогаш младиот Ламбе Алабакоски, излезен од музичката работилница на Дарко Димитров и М2 продукцијата и нивното македонско музичко талент шоу – „Портага по ѕвезди“. Младиот пејач иако во свој стил, сепак речиси идентично ја донесе преработката на „велигденската поп химна“.
По него уште една македонска пејачка во 2017 година влета во обид да ја долови и на себесвојствен начин да ја донесе „празничната песна“. Песната доби своја женска верзија кога во студиото „Ентерпрајз“ на Валентино Скендеровски ја испеа пејачката Пепа Димитрова, а аранжманот го направи Дамир Имери. Нејзината интерпретација во смут џез варијанта со етно елементи сосема поинаква, а сепак препознатлива на оригиналот.
Самиот Џокси на манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“ во 2020 година во живо заедно со членовите на хорот на АКУД „Мирче Ацев“ донесе уште една малку поразлична верзија на сопственото „животно остварување“.
За време корона пандемијата, додека траеа деновите на карантинот, Џокси одново зедно со голема група од 60 помалку или повеќе познати охридски музичари, пејачи и аматери наречена „Охрид биг карантин бенд“ ќе донесе сосема нова, поинаква, необична „онлајн“ верзија на големиот хит.
Конечно, „На велигден“ не е само Џокси… Покрај оние наши пејачи кои ја преработија неговата легендарна тема и кај некои други македонски поп и фолк ѕвезди големиот христијански празник се споменува и во нивните песни!
Така на пример во прекрасната „Километри“ на Влатко Лозаноски од 2018-тата, стихот кој е поврзан со големиот христијански празник гласи: „Ми фали за Велигден јас да си дојдам, ми фали да сум дома…“!
Македонскиот фолк пејач Ѓоко Јовиќ пак, исто така има песна во чиј наслов е вткаено името на големиот христијански празник – „За Велигден“. Излезена во 2019 година, иако во неа се споменува големиот христијански празник и несомноно дека истата токму тогаш и е најмногу во фокусот и ја достигнува кулминацијата на својата популарност, сепак македонскиот фолкер неа ја правел наменски, зашто пред се’ се работи за печалбарска песна која во себе ја крие патината на македонскиот печалбар, неговиот живот во туѓина и тагата по родниот крај.
Уште една позната македонска фолк пејачка, Елена Георгиева исто така има своја наменска песна за празникот што го слави Христовото воскресение и победата на животот над смртта. Нејзината тема е насловена „Молитва за Велигден“.
И македонската фолк легенда Благица Павловска исто така има испеано велигденска песна и тоа заедно со познатиот музичар Цане Петров („Биоритам“), која исто така е наменска, празнична и носи наслов: „Хрисистос воскресна“ .
На тема „Велигден“ песни посветени на еден од најголемите христијански празници има уште… Но за нив, задравје Боже догодина, во следната велигденска прилика! Христос воскресна – навистина воскресна!