Старите не попусто постојано велат: Деца, чувајте ги сметките, еден ден да не ви затребаат… Оти што знаеш, во оваа „луда“ држава, сешто може да ти се случи.
Поучен од ова „свето правило“, познатиот македонски камионџија и уште попознат инстаграмџија Дарко Влогс, кој работи во САД, но во моментов е дома во Македонија, си ги сочувал фактурите за стуја, парно и останатите давачки, па дојде денот кога поуката од старите и тоа како му се најде. И тоа практично…
Имено, Дарко и пајташите решија дел од времето да минат во природа, покрај Тиквешккото езеро. Камион е камион, ама во езеро да влеташ, та било тоа и вештачко, а тоа да не е со глисер, па макар тој наликувал на малку посилен чамец, исто како да не си „натурализиран Американец“.
Нејсе, откако направија неколку круга, ја разбрануваа водата за поарно да работи хидроцентралата и ги исплашија рибите, риби не фатија… Арно ама, затоа досетливиот Дарко имаше алтернативна идеја.
Гравче за ручек, сварено на отворено, во бакарно котле на оган во дворот на викендицата каде што отседнаа.
А за гравче покрај мастраф и котле, ти треба и оган, ама и нешто за потпалување… Во викендица весници не се чуваат, а и се помалку се печатат и купуваат. Тоалетната хартија – дефицитарна, па греота да се троши и кога ќе видиш – не видиш, од хартија за потпала единственото што ти преостанува се сметките… За струја, вода, парно, телефон… што се нашло. Патем, уште ако се високи, а си морал да ги платиш, можеш да споиш и корисно и убаво… на душата. Со нив да го потпалиш огнот, а ЕВН, БЕГ и останатите… нека „горат во пеколот“!
Нашиот камионџија, ем инстаграмџија, така реши и да направи. На Дарко Влогс, ЕВН и БЕГ му се најдоа… Сметките за потпала, ефектот – за машала!
Ниту градот што падна тој ден на Тиквешко не успеа да му ги „помати сметките“ и да му го расипе гравчето.
Камионџијата добро знае дека во секоја манџа вкусот го дава запршката, само треба да внимаваш од која страна ќе ја фатиш дршката… на жешкото тавче со мастрафот, се разбира!
А после тоа… Доброто гравче, надалеку се слуша… и чувствува! А, чувството – единствено: Полн стомак и празна околина околу тебе… Во баеги широк радиус!
Фото: Инстаграм принтскрин/darkovlogs