Видео снимка од настанот каде полицајците заедно со свадбарите играат оро е објавена на „Сиднеј Мацедониан”, заедно со појаснувањето за несекојдневната случка. Објавата од настанот што ги поплави социјалните мрежи, осамна и во македонските медиуми.
Имено, Македонци во Канбера правеле свадба викендов, а кога соседите повикале полиција поради прегласната музика, наместо да им напишат казна за нарушување на јавниот ред и мир како што се очекувало, се случило нешто неочекувано: Гостите ги убедиле полицајците и тие да се фатат на оро!
На клипот се гледа како униформираните лица ги учат нашите фолклорни чекори фатени во орото, а на крај на видеото, полициските службеници уште заминуваат и со ракоплескање. Инаку, во Австралија по долгите карантини, сега дозволени се свадби и забави на кои можат да присуствуваат до 300 лица, а до 30 лица можат истовремено да танцуваат на подиумот.
Од почетокот на пандемијата во Австралија се регистрирани 29.550 случаи на корона вирус, а починале 910 лица. Моментално се активни 2.190 случаи.