Над 70 композиции пристигнаа на конкурсот што го распиша општина Штип за претстојното 34. издание на популарниот фестивал „Макфест“, кој ќе се одржи во првата половина на октомври, а комисијата веќе започна со првото преслушување на пристигнатите дела, пренесува Радио Штип.
Комисијата составена од уметничкиот директор Владимир Дојчиновски, продуцентот и поранешен уметнички директор Кристијан Габроски, продуцентот Дарко Тасев и координаторот на проектот „Макфест“ – Кирил Панајотов, се договорија да има и второ преслушување, па врз основа на квалитетот ќе се одреди и концептот на годинашното издание на фестивалот.

Конкурсот беше распишан на почетокот на февруари, а авторите имаа рок да ги испратат своите дела најдоцна до 1 април. Наградниот фонд и годинава ќе изнесува 11.000 евра, односно пет илјади за првопласираната композиција, три илјади за второпласираната и илјада евра за третопласираната композиција, како и по петстотини евра за четирите стручни награди.
Како што соопшти Панајотов, годинава се очекува да се излезе со нов концепт за фестивалот, како вовед за јубилејното 35. издание в година.