Првото реиздание на култната книга за деца „Бушава азбука“ ќе биде промовирано во среда, 8 јуни, со почеток во 19 часот во Култ парк во Скопје.
Уникатната сликовница од авторот Горан Стефановски и илустраторот Душан Петричиќ со која растеа генерации учејќи го македонскиот јазик и скапоцените подзаборавени, архаични зборчиња кои се одраз на неповторливата македонска книжевност, култура и традиција прв пат излезе од печат пред 35 години, веднаш по создавањето на истоимената култна ТВ-серија за деца.
Второто издание на „Бушавита азбука“ е во рамки на едицијата за деца и млади на издавачката куќа „Чудна шума“.
На настанот промотор ќе биде книжевната критичарка и теоретичарка Александра Јуруковска, модератор ќе биде Билјана Црвенковска, а делови од книгата ќе чита актерката Тина Трпкоска.
Горан Стефановски во литературата дебитира пред триесетина години со ТВ- играта „Клинч“ (1974). Оттогаш па сè до денес се пројавува како плоден и атрактивен автор, главно во драмската уметност, врзувајќи и го своето и националното име за престижни и високи домашни и интернационални награди и признанија. Во орбитата на сеопштиот интерес се пробива со драмата „Диво месо“. Стефановски е изведуван на сите македонски сцени. Почина на 27 ноември 2018 година.