Мегафон фестивали

На 23-ти септември „Тумба фест“, Општина Куманово се оградува

На 23-ти септември „Тумба фест“, Општина Куманово се оградува

На 23-ти септември на платото пред Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово ќе се одржи осмото издание на фестивалот на новосоздадена, македонска, народна, шегобијна песна „Тумба фест 2020“.

„За време на фестивалот ќе бидат запазени сите заштитни протоколи: просторот за седење ќе е заграден со специјални банкини од полиција, местата за седење ќе се со ограничен број за 60 посетители проследено со предвидената дистанца, температурата ќе се мери од страна на Црвен крст, дезинфекцијата ќе е задолжителна и ќе се делат бесплатни маски“, велат организаторите за Вечер.

Оваа година на фестивалот ќе настапат помалку познати интерпретатори-аматери, но и познати македонски фолк изведувачи како: Круме Спасовски, Нино Величковски, Благица Павловска, Марјан Коцев итн. За фестивалот е карактеристично што на кумановски дијалект се пејат народни песни од хумористичен карактер. Ова е втора година откако фестивалот е возбновен минатата година, после последното издание во 2000 година.

На тема „Тумба фест“ се огласи и Фондацијата за спорт и култура на Куманово, која се огради од организација на настанот.

„Фондацијата за култура и спорт „Куманово“ – Куманово не е организатор на престојниот „Тумба фест“ – Куманово 2020, ниту истиот финансиски е поддржан од наша страна. Без наша согласност од страна на организаторите на пропагандниот материјал е ставено и нашето лого кое всушност не поттикна да ги демантираме претпоставките дека ние како фондација сме организатори на погоре наведениот фестивал“, велат од таму.

To top