Традиционална културно-уметничка манифестација „Виенски бал“ на 17 март по 19. пат ќе се одржи во хотелот „Александар палас“ во Скопје. Организатор е здружението за културна соработка „Јохан Штраус“, а покровител, Амбасадата на Република Австрија во Македонија. Во рамките на хуманитарната димензија на балот, дел од средствата да бидат наменети за граѓанска организација на лица со и без хендикеп, „Полио плус“.
Во програмскиот дел, професионалниот оркестар „Јохан Штраус“ ќе музицира под диригентство на Бисера Чадловска, а со своите атрактивни танцови ќе се претстават танчарите на танцовиот клуб „Прима данца“, како и првенците на Балетот при МОБ – Марија Кичевска и Бобан Ковачевски. Гостите уште ќе имаат можност да уживаат и во настапите на „Тумбао салса бенд“, Нина Јанева, Горан Папас и „2 Егзит“.
Кодекс на облекување и годинава е свечена долга тоалета за дамите и смокинг (темен костум или униформа) за мажите. Водителка на „Виенскиот бал“ и годинава е Јована Стојменовиќ.