Мегафон

„Музика – сега“ бара механизми за работа, ревизија на протоколите и поголем ангажман на македонските музичари

„Музика – сега“ бара механизми за работа, ревизија на протоколите и поголем ангажман на македонските музичари

„Итно наоѓање на механизми за работа на музичарите во услови на протоколи или финансиска помош за членовите на здруженијата на музичарите, доколку се оневозможени да работат. Ревизија на постоечките протоколи за музички настани (секако во рамките на разумното делување на корона вирус) и вклучување на експерти од музичката фела при ревидирање на постоечките или составување на идните протоколи“.

Ова се две од петте барањата на Здружението на унапредување на правата „Музика – сега“ кои вчера ги презентираа пред колегите, музичките работници и новинарите во киното „Фросина“.

„Музика – сега“ ја претстави програмата и визијата на Здружението, а презентирани беа и барања за итни средби со надлежните и релеватни фактори од Владата и локалната самоуправа.

Целта е да се достават предлози за конкретни мерки и план за заштита на музичарите во услови кога се спречени да ја извршуваат својата дејност, откако, велат тие, со последните рестрикции се забранети музички настапи во сите угостителски објекти и протоколите за јавни настани дозволуваат само неколку манифестации на годишно ниво.

„Координација и почести средби на членовите на ‘Музика – сега’ (но и останати преставници од другите музички здруженија) со членовите на комисијата за заразни болести, и комуникација при носењето на протоколите за овој вид на настани“, е третото барање на Здружението.

Понатаму, бараат годишен план за ангажирање на домашните музичари.

„Предлог за користење буџетски средства од општините или градовите со фокус на настапи, исклучиво на македонски артисти, низ домовите на култура, кината, театри или други локации низ републикава како и фокус на претстојниот конкурс за проекти од национален интерес на Министерството за култура (определување на голем процент од предвидениот буџет за конкурсот и проектите) на домашните артисти и нивните проекти“, велат од Здружението.

Исто така, бараат регулација на застапеноста на македонските артисти-музичари на националните телевизии и радија.

„Заштита и нега на македонската популарна, но и фолк музика преку поголема процентуална присутност на програмите на истите (акцент на националниот сервис кој има обврска да го стори тоа)“, соопштија од „Музика – сега“.

Од таму информираа дека наскоро ќе се јават со нови информации за тековните активности.

 

To top