Претстојиот викенд, 5-ти и 6-ти ноември ( петок/сабота) 2021 година е резервиран за „Музички блок во МКЦ.
Настапуваат: Калата, Светлост + Одрон Ритуал Оркестра, 3Џект, Роза, Немања и 21-ви век.
Билетите по цена од 300 денари се достапни на билетарница МКЦ или онлајн преку www.bileti.mkc.mk
Настаните ќе се реализираат согласно актуелниот протокол за организирање настани во затворен простор.
/ 5-ти ноември, петок /
КАЛАТА – интересен спој на традиционални вокални делници, невидено луди гитарски рифови и беспрекорно фасцинантен источномакедонски ритам и бит.
СВЕТЛОСТ + ОДРОН РИТУАЛ ОРКЕСТРА – ги селектираа за МЕНТ Љубљана, еден од најдобрите наши извозни продукти! По повеќе од една година повторно на сцена, а промовираат и нова плоча, издание на Скопје џез-фестивал.
3JECT – најновото превозно средство за сонично истражување возено од тројца уникатни инструменталисти од Скопје. Ова трио е логичен амалгам на три различни карактери, кои импровизираат во еднина што движи напред, без конкретни музички параметри.
/6-ти ноември, сабота/
РОЗА – е вагон во кој се среќаваат тројца. Не странци, стари познаници впрочем… Дуле, Небојша и Стева. Само што минатите децении патуваа на паралелните колосеци на хардкор, панк, постпанк, ноиз, а понекогаш и џез-музиката… Трасите им се вкрстија кога VVhile и Mnjenje ги имаа заедничките турнеи. Кога првoспоменатиот бенд престана да работи, и прејде на “remote” или “work from home”, тоа беше станицата на која бендовите се најдоа и се качија на истиот воз. Роза е замислена како патување по Медитеранот додека се влечете по спорите, закочени, ископани градски улици… Лифт-музика во заморните чекални… Вино од тетрапак преточено во светкави и сјајни бокали… Документарни филмови за радикалните политички комуни во поствоена Германија… Тајни владини проекти поврзани со вонземјаните… За прв пат во Скопје!!!
НЕМАЊА – Фантастичен соник/фанк/диско-бенд од Хрватска. Новиот албум се вика „Космик диско“ и е музички одговор напишан од Лука Шипетиќ (човекот што е одговорен за проектот НЕМАЊА) на тибетанската книга на мртвите.
Шипетиќ многу фино ги опишува искуствата што се случуваат во интервалот меѓу смртта и новото раѓање опишани во книгата на мртвите. Албумот го слави животот дискотеките во 70-тите и раните 80-ти години од минатиот век, кокетира и со кумбија-звукот, но и со југословенскиот фанк, афробитот и араб-диското зачинето со поп ориентирани текстови.
21 ВЕК – хит-мајсторот Васко Атанасоски со својата верна екипа, Дени Крстев и Раде Јордановски, по долго време повторно во МКЦ Скопје. Го промовираат својот последен албум „Си нацртав живот“ љубовно-исповедничка плоча,базирана на вистински настани… Аll killers, no fillers… Како што треба!