– Монографијата „Марков манастир – Св. Димитриј, внатрешниот духовен живот“, во авторство на игуманијата Илијана, излезе од печат деновиве во издание на ПНВ Публикации, а со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија.
Свечената промоција на изданието, кое е прво од ваков вид посветено на овој манастир, ќе се одржи на 13 февруари (вторник), со почеток од 19:00 часот, во свечената сала на Соборниот храм Св. Климент Охридски во Скопје.
Промотори на монографијата, ќе бидат проф. д-р Елизабета Димитрова и проф. д-р Јован Белчовски.
Монографијата „Марков манастир – Св. Димитриј, внатрешниот духовен живот“ е труд кој е посветен на различни аспекти од вековното опстојување на манастирот. Во изданието на околу 140-те страници презентирани се различните димензии кои ја даваат пошироката слика на манастирот, тргнувајќи од историско-културниот аспект, па сѐ до естетската димензија и духовно-монашкиот елемент низ вековите па сѐ до денес.
Монографијата е илустрирана со фотографии од фотографот Ивана Батев кои ги откриваат убавините на манастирот, богатиот фрескопис, иконопис, монашкото секојдневие… Промоцијата ќе биде збогатена со мал концерт од виолинистите Михаило Куфојанакис и Момчило Куфојанакис.
Марковиот манастир е лоциран на околу 20 километри од центарот на Скопје, во живописна природа во близина на Маркова Река. Манастирскиот комплекс го сочинуваат: добро сочувана манастирска црква од 14 век посветена на Св. великомаченик Димитриј Солунски со отворен трем од 19 век, две манастирски трпезарии кои се фрескописани во 14 век, чии остатоци од фрескоживописот денес се сочувани преку конзервирани фрагменти, изложени во трпезариите, конаци со убави чардаци, параклис посветен на Св.Ап.Марко, музеј/галерија за икони и други помошни простории.
Манастирот имал добри времиња, кога бил економски богат, а и тешки денови, денови на грабежи, уривања и палења. Во манастирот цветал интензивен монашки живот. Во средината на 14 век, се подвизувале голем број на монаси, а во 19 век игуменувале Кирил Пејчинович и јеромонах Макариј. По нив тука тихувале архимандрит Јоаникиј Ракотински и Епископ Велички Гаврил Светогорец.
Во денешно време во манастирот е обновено женското монаштво, возглавено од игуменијата Илијана, со живот устроен според општежителен монашки типик, каде Исусовата молитва го зазема главното место, заедно со послушанието.
Секој може да дојде во ова духовно светилиште, да се помоли, да се исповеда, да се крсти, да се венча, да се здобие со книга со духовна содржина, со икона, со бројаница, крст, да слушне убави зборови за историјата на манастирот, а оној, кој е вистински жеден за Господа, да биде упатен во длабочините на верата Христова.
извор:сител.мк