Слвниот рапер Еминем денес има 47 години и изгледа доста поразлично од времето кога беше на врвот од својата музичка кариера.
Тој отворено зборува за искуствата и предизвиците низ кои поминал, но и за втората шанса која му ја дал животот.
Еминем на својот Инстаграм профил објави фотографија од чип за трезност, односно значка која ја означува неговата голема животна победа.
“Чисти 12 години. Не се плашам”, напишал Еминем во описот од фотографијата.
Токму тоа ја означува неговата победа – 12 години откако ја победил својата зависност од наркотици. Еминем досега често и многу отворено зборувал за својот проблем, а она што го навело да се освести и оттргне од пеколот наречен дрога е тоа што пред 13 години за малку ќе го изгубел животот поради предозираност.
Тој отворено зборувал дека во еден ден знаел да испие и околу 30 таблети против болки и од 40 до 60 таблети за смирување, што можело да биде кобно.
“Не знам во кој точно момент настана проблемот. Се сеќавам само дека сè повеќе и повеќе ми се допаѓаше”, рекол Еминем во еден документарец.
Додека во 2000 година работел на продукција на филмот “8 Mile”, сфатил дека има проблеми со несоница бидејќи работел и по 16 часа дневно. Еден пријател тогаш му препорачал лек кој им помага на луѓето да заспијат, меѓутоа раперот брзо се “навлекол” и подоцна започнал да зема разни лекови.
Пред 13 години, кога се предозирал и за малку ќе го изгубел животот, докторите му рекле дека во себе внел еквивалент на 4 ќесички хероин.
“Да пристигнев само два часа подоцна во болница, ќе бев мртов. Моите органи откажуваа, црниот дроб, бубрезите, сè. Ме ставија на дијализа и не веруваа дека ќе преживеам. Моето дно требаше да биде смртта”, раскажал Еминем за “New York Times”.