Мегафон

Мицкоски за Радио Лидер, во опуштено издание до граѓаните: Бидете во добро здравје, среќни мотивирани и успешни, славете по дома и не ги кодошете сограѓаните

Мицкоски за Радио Лидер, во опуштено издание до граѓаните: Бидете во добро здравје, среќни мотивирани и успешни, славете по дома и не ги кодошете сограѓаните

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, имаше новогодишно јавување во радио Лидер, во кое лидерот на опозицијата можевме да го видиме во малку поинакво поопуштено издание, со малку шега, смеа и во многу добро расположение. Секако, кога станува збор за лидер на политичка партија, не може да изостанат политичките прашања, или во најмала рака примеси на политика, па прво прашање беше што ќе му посака на својот опонент, господинот Заев во новата година? Мицкоски на Заев му посака пред се’ добро здравје, и  истиот да биде повеќе мотивиран да ги брани интересите на граѓаните, во периодот додека се’ уште е претседател на владата. Но, пред се’, добро здравје за него и неговото семејство.

На прашањето што ќе им посака на граѓаните Мицкоски рече:

„Имам чувство дека народот е уморен од лажливи политичари, од политичари циркузанти и акробати, кои би рекол се социопатски зависници од внимание на социјални медиуми, па и ограничени јавни настапи. Мислам дека народот сака порака на надеж, на народот му треба јасен план дека оваа држава може да успее. А ние политичари сме тие кои што сме најодговорни за тоа, па затоа мислам дека пораката која што ја упатив преку социјалните медиуми преку мојот профил, сметам дека треба да допре до секого. Бидејќи и јас сум силно мотивиран и се обидувам да ги мотивирам и соработниците, за да во годината која што следи да го дадеме најдоброто од себе, да оставиме срце на терен за најпрвин да ја поразиме оваа влада, која што според мене води длабоки погрешни политики, а потоа да почнеме со примена на нашата програма, за која што ценам дека ќе донесе една нова надеж за една поуспешна Македонија. Но, тоа е во втор план, се разбира најпрвин на сите наши сограѓани им посакувам добро здравје за нив и нивните семејства, да бидат среќни, мотивирани, успешни, затоа што една ваква композиција навистина прави добри соседи, колеги, пријатели и другари. Тоа е мојата желба за граѓаните на Македонија“.

Мицкоски доби прашање, кое како што кажа водителката најверојатно никој не му го поставил до сега: Да каже виц, кој според него ќе не насмее сите за да ни тргне годината.

„Има еден виц, кој не е толку виц, колку што е реалност. Вчера во парламентот имаше поставување прашања, односно пратенички прашања до претседателот на владата и тоа беше еден од тажните, но можеби и реални вицови, кога господинот Заев излезе на говорницата и кажа дека е најголемиот патриот од сите нас! Тоа малку ме збуни и делуваше вицкасто“, кажа Мицкоски.

Како што кажа тој, ова ќе го раскажува како еден добар виц, но работата како што рече,  не е до вицови, туку треба да се зафатиме за работа. За крај не изостана и шегата, која е неминовна во предпразнични мигови. Согласно препораките Мицкоски кажа важно е сите да останеме по дома, но да не се кодошат сограѓаните, да се остават да се забавуваат една ноќ, за да не им се полни егото на овие политичари, кои тоа го сакаат.

To top