Мегафон АНТОЛОГИСКИ КОНЦЕРТ

Меморија „ја урна“ Метрополис Арена: Ѕвезди над ѕвездите!

Меморија „ја урна“ Метрополис Арена:  Ѕвезди над ѕвездите!

Вчеравечер, сабота, 18.ноември, се случи долгоочекуваниот и најавуван концерт на македонските поп-рок ветерани. Големиот повратнички концерт на „Меморија“, по многу нешта го заслужи епитетот „голем“! Не само заради тоа што во скопската „Метрополис Арена“ немаше игла кај да падне зошто беше преполна со народ. Луѓе од сите градови во Македонија, публика од неколку генерации кои  дојдоа да ги видат идолите од нивното време, рок ен рол хероите од нивната младост како и оние кои нивните песни стигнаа само да ги слушаат на радио или да погледнат по некој нивни спот на Јутјуб.

Вчеравечер сите тие, сите ние заедно, бевме сведоци на ретроспектива на важен дел од македонската музичка поп-рок антологија. Фантастично технички подготвената сцена, со звук и светло на ниво на светските групи  и желбата која беше како „оган во ѕвездите“ кои се појавија на  бината да го остават срцето и да и ја отворат душата на публиката, направи не само да уживаме во тричасовното музичко шоу на „Меморија“ и нивните гости, туку покажа дека „под ова мало македонско парче небо“ и тоа како има што да се чествува и слави кога е домашната музика во прашање.

Презентацијата на двата видеоспота на самото отворање на концертот не беше само гола ретроспектива на опусот на бендот. Напротив, „Црна се чума зададе“ и „Параходот…“ носат во себе длабоко скриена порака, која важи и денес, во овие времиња, со која концепт-мајсторот на синоќешната претстава сакаше да не потсети на нешто друго. Нешто, што отприлика кажува дека „црната музичка турбо-шунд чума“ која од север се зададе со години не надвива, ама сепак еве, имаме „јунаци“ кои таа чума ќе ја победат, надсвират, испадат… Затоа „мило либе не плачи, не жали… тие пак се вратија“… И се вратија на маестрален начин. Со звуците токму на овие теми од гитарата на Мичо, клавијатурите на Тино и суптилниот, но исклучително моќен вокал на Поце „Меморија“ го започна самиот концерт!

Се редеа повеќе или помалку познати теми од првите албуми на групата, кои Перо, Поце, Тино, Мичо,Бане и Цале со леснотија и ги нудеа на расположената публика која во еден глас со нив пееше, танцуваше, се радуваше, долго аплаудираше… Овој пат,  за чудо кусите најави меѓу песните на Камиказа беа симпатични, довитливи, ненаметливи…  Сепак, се чини дека првиот дел од концертот го обележаа баладите… „Зошто Боже?“, „Возови“  и особено легендарната „Оган под ѕвездите“! Покрај уште една-две од брзите песни, очигледно  тие се она најсилното, највпечатливото, антологиското што бендот го оставил во својот музички опус! Песни за сите времиња, со стихови што важат и тогаш и денес и утре… засекогаш! А публиката и тоа како тоа можеше да го насети, да го почувствува, прими и возврати со фидбек… Со „оган од овации“ каков што добиваат само најголемите музички ѕвезди!

Најавените специјални гости на концертот беа зачин, мирудија која на повратничкото шоу на „македонските Дјуран Дјуран“ (како што повторно како и пред 25 години осамна на еден транспарент во Метрополис Арената) му дадоа шмек, вкус на заедништво, дополнителна моќ и снага… Не вратија назад во времето и допреа дел од приказната наречена македонска поп рок сцена низ сите овие години.

„Кога свиревме во Штип, во она време предгрупа ни беа едни клинци… Се викаа Аперитив. Им дававме по 50 марки колку за да стават гориво. Таа вечер имавме преполн концерт, па наместо 50, добија 200 марки. Момчето од групата што личеше на Џони Деп, не можеше да се изначуди… Денес е голема ѕвезда и лидер на популарните Нокаут„ – со овие зборови Перо-Камиказа го најави Пере – првиот од „специјалните“ на „Меморија“ која засилена со саксофонист го придружуваше во изведбата на неговата авторска песна „Во бестрага“, која оригинално ја пее Брејк.

Следни беа гевгеличаните „Зијан“. Или поточно, нивната ударна двојка Ацо и Коце, на гитара и бас, одново придружувани од „Меморија“ кои ја изведоа историската „Пушти коси“. Можеби не свират како некогаш, ниту пак разбирливо, изгледаат така, ама кога ќе ја слушнете таа песна, се’ уште го имате она поделено чувство на патина и радост, на среќа и тага, на „песна нова – мака стара“… Чувство на македонштината кое ви ја кажува вистината… дека овде многу малку се промениле нештата… од искона до денес!

Еден од пионерите на македонскиот рок ен рол, Мики Јовановски – Џафер засилен со неговиот пајташ Груле од некогашната група „Автограм“ заедно со домаќините на сцена ја изведоа нивната „Одам на југ“…

А, човекот кој го испеа еден од првите, но и најголемите македонски хитови на сите времиња – „Неправда“, вокалистот на некогашните „Лева Патика“ – Гранит Таќи во придружба на бендот и неговата ќерка, актуелната пејачка Леана Леа Таќи ја изведоа токму таа песна на која во салата настана делириум!

Последниот – трет дел на концертот го обележаа брзите песни на „Меморија“, особено хитовите како „Нена“ или „Снеже, Снежана“ и превземањето на микрофонот од Поце на Ристо Самарџиев кој беше последниот пејач на групата.  Беспрекорно сигурно и моќно, Самарџиев исто како и Поце, впрочем како и целиот бенд ги истуркаа последните песни, меѓу кои особено впечатлива беше извдбата на баладата „Нашите слики“.

И толку… Или не? Публиката бараше бис. Од 5-6-7.000 грла од салата во некогашното скопско сајмиште едногласно ечеше: „Уште, уште, уште“…  и добивме уште! Крешчендо за крај! Кулминација на настанот. „Меморија“ засилена со дувачкиот блех оркестар и изведба во стилот на „Бреговиќ“ на нивната „Дирлада“!

А потоа сите нивни гости заедно со „Меморија“  на сцената во уште една колективна изведба на „Македонија“… за колективно лудило, експлозија од емоции и незапаметена еуфорија од радост, среќа, задоволство… од трочасовната музичка прошетка по спомените! И крај… или нов почеток за „Меморија“? Ќе да е она – второто, зашто… душава бара уште!

 

 

To top