Утревечер, вторник, 14 ноември во МОБ во Скопје ќе се одржи јубилејното, 10-то издание на МАРС – Македонскиот радиски фестивал 2017. Оваа манифестација веќе една деценија ги вреднува, оценува и наградува најпопуларните македонски поп хитови во тековната година преку таканаречената радиоселекција, која ја вршат над 30 национални, регионални и локални радиостаници во Македонија.

Песните кои преку тој радиофилтер влегле во финалниот избор, 10 радиостаници, кои секоја година се различни, ги категоризираат наградите, односно ги вреднуваат финалните песни по категории како што се: радиски поп хит на годината, радиски ар ен би хит, најслушана балада, радиски хит испеан од женски вокал, радиски хит испеан од машки вокал, радиски хит изведен од група… и.т.н.

Јубилејното издание на МАРС 2017 организаторот, КЦ „Александар Македонски“ и Советот на радискиот фестивал решија да биде 100 % македонска манифестација, која по некои работи ќе наликува на претходните неколку, но по многу нешта ќе биде сосема поразлична од досегашните изданија.

Така, покрај македонските поп изведувачи и нивните наградени годинешни хитови, на сцената на МОБ ќе ги видиме и специјалните гости кои за прв пат во овие 10 години не доаѓаат од регионот, туку тоа е македонската поп-рок група „Меморија“, која 4 дена подоцна ќе го има својот голем повратнички концерт во скопската Метрополис Арена, кој е безмалку распродаден.

Девојките и момчињата на балетското студио „Ребис“ со своите специјално подготвени танчерски точки и кореографии на македонски хитови и евергрини со својата „Улица на приказни“ ќе ја збогатат програмата, во која свои мини ДЈ сетови со куси миксови и скречови на познати македонски хитови на сцената ќе има и „ ДЈ Мастер Хип“, а на видеоѕидот ќе одат исечоци од досегашните 9 изданија на МАРС.

Доделувачи на наградите исто така ќе бидат досегашните водители на фестивалот низ сите овие години, кои покрај чинот на доделување на статуетките на победниците на сцената на МОБ ќе имаат и свои водителски обраќања и најави.

Македонскиот радиски фестивал МАРС 2017 утревечер, вторник 14 ноември започнува во 20.30 часот, а МТВ1 ќе врши директен пренос на својот прв програмски сервис!