Марко Николиќ доаѓа во Скопје за утре, недела 26 ноември 2023 год. на домашната публика, со жив настап да и го претстави својот последен студиски материјал насловен „Доѓи да те волим“.
Името на Марко Николиќ во 20 години долгата професионална музичка кариера се сретнува како автор на музика, текстови и аранжмани за хитови во светот и на поп и на народната музика. „Доѓи да те волим“ е музички проект со 10 песни полни со љубов, романтика и нежни ноти, а кај нас тој, како што ни кажа, ќе го промовира бидејќи за Македонија го врзуваат прекрасни спомени од детството.
„Македонија, нејзината историја, богатото културно наследство и музиката исклучително ги ценам и почитувам од мали нозе. Кога бев мал доаѓавме на Охридското езеро, а во нашиот дом на прославите мама и тато често пееја македонски песни. Не можам да не го споменам ниту Тоше Проески, кој, според мене, беше и остана најдобриот пејач на овие простори, ни рече Марко во неодамнешниот разговор.
Марко, инаку е доминантен автор на овој музички проект, а меѓу имињата со кои соработувал се и Марина Туцаковиќ, Саша Милошевиќ – Маре, Билјана Спасиќ и Нада Бучевиќ.
„Долго работев на овој материјал и навистина едвај чекам да го чуе публиката и да ги видам реакциите. Сум настапувал насекаде, но ете во Македонија доаѓам прв пат и навистина едвај ја чекам недела и мојот промо-настап во Трибека“, вели Марко, чија промоција е закажана за утревечер во „Трибека“ со почеток во 19:30 часот. Неговата музичка кариера почнува уште во детството кога во дуетот Мармаја заедно со сестра му Маја Николиќ (позната пејачка и честа гостинка на нашите фестивали) настапувал по бројни детски фестивали и освоил многу награди ширум цела поранешна Југославија.
Завршил музичко училиште во Ниш, каде е и роден, а во 1997 година ги започнува студиите во Грац, каде дипломирал на отсекот Џез и соло пеење. Од тогаш активно компонира и пишува текстови за некои од најголемите музички имиња во соседството како Драгана Мирковиќ, Дејан Матиќ, Бобан Рајовиќ, сестра му Маја, а неговата музика потпишува и бројни ТВ-спотови и документарни филмови. Особено е горд на музиката за документарецот за кралското семејство и дворецот Вадуз во Лихтенштајн. Во 2002 година се сели во Виена каде и денес заедно со сопругата Ана Бучевиќ, познат мотивационен говорник, и семејството живее и твори.
Првата песна од албумот која беше пуштена во етерот е „Чаробан дан“, слушнете ја: