Маријана и Росана… некогаш Сариќ, подоцна едната Тодоровска другата Новачевска. Двете сестри близначки, две бисерни грла кои оставија траен белег на македонската музичка сцена. Испејаа дузина забавни и фолк песни кои тогаш станаа хитови, денес останаа евергрини кои вечно ќе се пејат. Судбината сакаше животните патишта на близначките да им се разделат, но не и душите… Две тела споени во една душа, едно срце кое чука за едната и другата подеднакво во ист такт… Како и за сите нивни, сите блиски кои ги сакаат, љубат, за нив живеат… Росана остана во Македонија, а Маријана веќе со години живее во далечната Австралија.
Иако активно и двете веќе не се на естрадата, песната никогаш не ја оставиле, не ја заборавиле. Знаат и тоа како да запеат… Та било тоа повторно некаде јавно, за мал круг на блиски луѓе, одбрано друштво или едноставно само онака… За своја душа. Особено кога душата ќе се нажали, а има и тоа како зошто и по кого да тагува.
Токму акво нешто деновиве и се случи во далечната Австралија на Маријана Новачевска. Македонската пејачка за момент носталгијата ја совлада, ја преплавија емоциите, па тагата и спомените Маријана ги „залеа“ со песна… И тоа преубава, еден од оние вечните забавни евергрини од златното време на македонската забавна музика, време на незаборавните македонски шлагери од седумдесеттите години на минатиот век… „Има еден галеб тажен“… Или „Летај галебе“ како што гласи оригиналниот наслов на вечната песна испеана од некогашна македонска пејачка ѕвезда Верица Ристевска.
Дали заради далечината таму некаде со илјадници километри од родното огниште или сеќавањата на годините и споменот на нејзиниот некогашен сопруг (со кого иако беа разведени, до последно останаа најдобри пријатели), композиторот Тоде Новачевски, кој не така оддамна замина од од овој свет, а и тој живееше со години на најдалечниот континент.
Едноставно онака, без објаснение и без некоја посебна причина, на Маријана и дојде да запее… Како замена за солзите!?
„Не знам што ми текна. За сите мои галеби тажни што одлетаа таму некаде далеку… Нема фризури, нема шминка, нема сјајна гардероба… Ете така“ – кусо напишала во појаснувањето пејачката која седната зад сајзерот во еден здив маестрално ја отпеала познатата песна.
Онака за себе, за своја душа, но и за душите на сите други, кои изгубиле некого близок, драг, единствен… Како и за душите токму на оние кои повеќе ги нема меѓу нас. За и ним и нам оној „галеб тажен“ ако може барем малку… да ни стопли душа!