Македонските ракометари „протрчаа“ низ квалификациската група во која завршивме први. Репрезентацијата со 3 бода оди понатаму, во елиминациската фаза, а во неа некои од нив влегоа со „елиминирана“ коса! Со потстрижана глава до „гола кожа“! Или што би рекле: фризура на „кец“!
„Жртви“ – Дејан Манасков, Филип Кузмановски и Стојанче Стоилов! Причината – меѓусебниот облог на ракометарите.
Имено, интерно меѓу нив паднал облог, што би се случило доколку Македонија најпрвин ја победи и Црна Гора, а потоа и доколку го освои првото место во групата Ц!?
Договорот бил, ако завршиме први, тројцата мораа да се потстрижат… „лустер“! Бидејќи облог си е облог – ветеното мора да се исполни!
Засега „нуларица“ се само Дејан, Фичо и Столе… Ама затоа има најава и за нови облози! Прашање е само кој е следниот што ќе добие нова фризура доколку Македонија обезбеди полуфинале. Дали тоа ќе биде Раул – „Ел команданте“, Кире или некој трет? Ама, како ни тргнало, лесно може да се случи до крајот сите дома да се вратат „лустер“!!!