Мегафон

Мала Италија продолжува да патува

Мала Италија продолжува да патува

По минатогодишното уживање и големиот интерес, „Мала Италија патува“ ќе продолжи и годинава со уште еден концерт со кој ќе ве однесеме на прекрасно патување низ многубројни светски култури, најави Павле Камилоски, кој за 19 септември во МОБ закажа уште една средба со љубителите на медитеранската музика и култура.

Оваа година, во придружба на Павле Камилоски, на големата сцена ќе настапат балетски уметници кои ќе ја дополнат атмосферата во МОБ. Во присуство на Павле ќе се појави и светски познатиот диригент, Христо Христов, а како специјален гостин ќе настапи реномирана македонска пејачка, што ќе биде изненадување за публиката.

Зад овој, единствен од ваков вид проект, стои иницијаторот Павле Камилоски, кој по минатогодишниот успешен концерт и претходните два проекти кои го носеа насловот „Мала Италија“, ова културно воздигнување го претвори во традиционална манифестација. Покрај Павле Камилоски, исто така зад проектот како извршен продуцент стои Катерина Стевковска, а поддржувач ќе биде и Министерството за култура.

Фотографија на Мала Италија патува.

„Пред нас претстои долгоочекуваниот концерт, како продолжение на минатогодишниот, каде преку романтичноста и заводливоста на музиката ќе допреме до најубавите предели во Италија, Франција и Шпанија, од каде истата е инспирирана. Основната идеја за проектот лежи во поврзување и пренесување на наше тло на културите преку романтични ноти и безвременска музика. И оваа година концертот ќе биде целосно посветен на љубовта и преку шпанската, италијанската и француската култура, преку шансони и канцони, ќе овозможи уникатно патување низ овие предели и прекрасно доживување“, велат организаторите Павле Камилоски и Катерина Стевковска.

По минатогодишниот целовечерен концерт, чија посетеност достигна до 4.000 посетители, мотивацијата за уште едно продолжение Павле Камилоски ја добива од желбата да создаде традиција на различни музички ноќи кои ќе ја збогатат музичката понуда и ќе го зголемат интересот за ваков вид музички случувања во Македонија.

Влезниците се веќе во продажба преку сервисите „Карти“ и МК Тикетс.