Во пресрет на претстојното, 33. по ред издание на фестивалот „Макфест“, кое ќе се одржи на 4, 5 и 6 октомври во Штип, вчера, вторник 25 септември беше одржана прес-конференција, во чии рамки со влечење жрепка беше утврден и редоследот на настапи за двете полуфинални вечери.
„Фестивалот ’Макфест’ е гордост за Штип. Верувам дека годинава ќе постигнеме најдобро издание и фестивалот ќе блесне во сиот свој сјај“, рече на прес-конференција градоначалникот на Штип, Благој Бочварски, а Владимир Дојчиновски, уметнички директор на „Макфест 2018“, објасни дека годинава нема да има телефонско гласање, туку дека победничките песни ќе се избират со медиумско гласање, гласање од стручно жири и со гласање на публиката во салата.
Вкупно 32 композиции, односно по 16 во двете полуфинални вечери, годинава ќе се натпреваруваат за награди во вредност од 5, 4 и 3 илјади евра за првите три места, како и оние од по 500 евра за најдобар аранжман, најдобра вокална интерпретација, најдобар дебитант и за најдобар сценски настап. Меѓу изведувачите има веќе докажани, но и нови имиња што допрва ќе се етаблираат на нашата музичка сцена, како што е најмладата учесничка Сара Гигова, чија „Љубовна бура“ ја има честа да го отвори фестивалот.
Во првата полуфинална вечер на 4 октомври ќе ги слушнеме и: Симона Попоска, Мина Блажев, Мартинијан Кириловски, Игор Узунов, Лена, Филип Пешевски, Пепа, Наталија Данаилова, Наташа Малинкова, Лина Пејовска, Горан Наумовски со Горан Папаз, Џокси, Димитар Андоновски со „Тајфата“, Кристијан Проданов и Ѓоко Танески.
Следната вечер за влез во финалето ќе се натпреваруваат: Барбара, Огнен Здравковски, Маријан Стојаноски, Дани Димитровска, трио „Џентлмен“, Ивона Јовановиќ, Весна Спасова, Наталија Славева, Давид Миладинов, Роберт Билбилов, Анастасија, Александар Тарабунов, Симеон Коруноски, Антонија Гиговска, Мартина Митревска и Анета Ристова Василева.
Преносот на „Макфест 2018“ ќе се емитува на Македонската радио телевизија, со почеток во 20.30 часот за двете полуфинални и за финалната вечер. Водителка на фетсивалот е Марјана Станојковска.