Ѓоко Танески e дел од екипата што го подготвува концертот во чест на култната група „Пинк Флојд“, што ќе се одржи на 26 јули во родниот град на Танески, Охрид, на сцената на Долни Сарај.
„ Концертот е премиера на проектот ’НАМБ-трибјут’, со неповторливата музика на еден од најголемите и највлијателни рок-бендови во музичката историја. Заедно со уште неколку мои драги колеги, ќе испееме 16 безвремени хитови на ’Пинк флојд’ и со овој настан ќе го доближиме Охрид до светот. Во сите поголеми градови и туристички места, одлично поминуваат концерти посветени на легендарните музичари“ – ќе изјави Ѓоко Танески на Нова Македонија, кој токму со овој настап по подолго време се враќа на музичката сцена.
Во единаесетчлената екипа, која ќе настапува на концертот, освен Ѓоко Танески се и: Димитри Алчев (гитара и вокал), Анатоли Арнаудоски (гитара), Ѓорѓи Калајџиевски (тапани), Владимир Кречоски (бас гитара), Никола Јосифоски (синтисајзери), Ангелко Јовчески (перкусии), Горан Папазоски (саксофон) и Ана Костадиновска, Сара Николовска и Весна Илиќ Павловска како придружни вокали.
Ќе се изведат некои од најпознатите песни на култните „Пинк флојд“ како: „Shine On Your Crazy Diamond“, „Learning To Fly“, „Hey You“, „Another Brick In The Wall“ и уште 12 безвремени песни. Билетите можат да се набават преку продажната мрежа на „Купи карти за сѐ“ и во сите маркети на „Тамаро“ во Охрид и во Струга.