Вакцините и вакцинацијата во Македонија станаа мисловна именка. Но и најспомнуваниот поим, нешто што повеќето од народот во него гледа спас на светот, па со душа го чека како дете роденден, пензионер пензија, работник плата, девојка згоден фраер, играч на среќа 7-мица на лото, џек пот или добивка во обложувалница… И сите чекаат, а од вакцините ништо. Само празни ветувања на власта, премиерот, министерот за здравство… Или поточно некакви смешни количини, дози кои кому попрво да ги делиш „на лажиче“, башка и тие бакшиш дадени како донација или едвај пристигнати и тоа засега толку, колку што се… речиси ништо!
Во меѓувреме бројот на заразени рапидно расте, се повеќе починати, се посилен удар по економијата, стопанствениците, по џебот на граѓанините. А ние тапкаме во место, возиме во лер и немо чекаме да се случи чудо, од небо да ни слетаат стотици илјади вакцини. Кој чека, ќе дочека – велат, само се плашиме да не биде дочекот малку повеќе од задоцнет… И со превисоко платена цена со повеќе илјадници животи!?
„Дали ќе се вакцинирате од Ковид 19 или не?“ – е можеби најпоставуваното прашање во последно време. Многу луѓе се соочуваат со оваа дилема, а голем дел од граѓаните стравуваат дека ќе нема доволен број вакцини за сите оние кои сакаат да се вакцинираат. Други пак, се скептични во однос на примање на вакцината.
Сепак, со оглед на тоа што желбата за враќање на старите патеки и замена на „новото (не)нормално“ со она, старото добро нормално е огромна, најгледаниот естраден ТВ магазин „Бекстејџ“, направи анкета помеѓу познатите и јавни личности за да го дознае нивното мислење и став во однос на вакцините и вакцинацијата. Одговорите за некого вообичаени, за други пак изненадувачки.
Мислењата на познатите се поделени на тема вакцинација. Лила, Таско, Наум Петрески, Андреј-ДНК, Сара Мејс… Македонските јавни личности и вакцинацијата: Едни едвај ја чекаат за да можат потоа „светот да го гушнат“, други за вакцина, не сакаат ни да слушнат.
Кој како размислува од анкетираните македонски јавни фаци за вакцинацијата, погледнете од анкетата во видеото на „магазинот од зад сцената“.