Мегафон „Чудото од дете“

Македонската филхармонија ја почнува 2018 со Даниел Харитонов

Македонската филхармонија ја почнува 2018 со Даниел Харитонов

„Лауреати“ е првиот концерт на Македонската филхармонија во 2018 година. Ќе се одржи на 18 јануари во 20 часот, под диригентство на маестро Даниел Рајскин од Русија, а како солист ќе настапи „чудото од дете“, младиот виртуоз на пијано Даниел Харитонов.

Роден во рускиот град Јужно-Сахалинск, Харитонов се прослави како еден од најсјајните таленти на 15. Меѓународен натпревар „Чајковски“ во 2015 година, на возраст од само 16 години. Тогаш, како најмлад учесник, неговата триумфална изведба ќе му ја донесе третата награда. Но, публиката е воодушевена од неговиот настап и тој ќе го понесе епитетот „чудо од дете“, а ќе биде наречен и виртуоз со извонредна техника и искрена интерпретација. Ќе го именуваат и како „откритие на 15. натпревар „Чајковски““. Од тогаш неговата кариера рапидно расте. Настапува со престижни оркестри и врвни диригенти.

Харитонов за македонската публика ќе го изведе популарниот и раскошен Концерт за пијано и оркестар бр. 1 од Франц Лист, а на програмата се и атрактивната увертира „Карневал“ од Антонин Дворжак, како и славната Симфонија бр. 2 од Јан Сибелиус.

До крајот на оваа концертна сезона, Македонската филхармонија, како што најавува, ќе реализира уште голем број симфониски концерти со ѕвездени солисти и диригенти, а програмата ќе биде исполнета со сериозни, комплексни, но и атрактивни и инспиративни дела. По „Лауреати“, на 25 јануари ќе се одржи концертот „Моцартовите перипетии“ со маестро Михал Нестерович од Полска зад диригентскиот пулт, додека на 31 јануари публиката ќе може да го проследи концертот „Апотеоза“ на кој под диригентство на маестро Борјан Цанев, како солист ќе се претстави врвниот виолинист Роман Симовиќ од Црна Гора, кој кариерата ја гради во Велика Британија и ширум светот.

Следејќи ја традицијата, и оваа година Македонската филхармонија по повод Денот на вљубените, на 14 февруари, подготвува несекојдневен музички настан. Овој пат насловен „Murder Ballads“, концертот ќе претстави теми од славните Леонард Коен, Ник Кејв, „Портисхед“, Том Јорк, Бјорк, Ненси Синатра, Џони Кеш…, во аранжмани и под диригентство на Џијан Емин. „Вокална магија“ е следниот концерт закажан за 22 февруари, на кој под диригентство на маестро Емил Табаков од Бугарија, како солист ќе се претстави македонскиот баритон Милан Силјанов кој живее и твори во Швајцарија, додека на 8 март е концертот „Женски приказни“ со маестра Елена Митревска зад диригентскиот пулт.

Оваа концертна сезона ќе ја одбележат настапите на уште неколку извонредни македонски солисти . „Мејд ин Маседонија“ е насловот на концертот на кој на 15 март ќе настапи кларинетистот Здравко Ангелов, прв кларинетист во Македонската филхармонија, додека во рамките на фестивалот „Денови на македонска музика“, на 22 март ќе настапи виолинистот Александар Иванов. Виолинистот Ѓорѓи Димчевски, пак, ќе настапи на концертот „Шпанија во срцето“ на 4 април, заедно со маестро Рикардо Касеро од Шпанија, додека дуото виолини Анна и Олег Кондратенко ќе настапат на концертот „Годишни времиња Пјацола/Вивалди“ на 26 април.

Годинава и Македонската филхармонија се приклучува кон одбележувањето на 100 годишнината од раѓањето на американскиот композитор Леонард Бернштајн, на кој под диригентство на маестро Тимоти Редмонд од Велика Британија, како солист ќе настапи истакнатиот виолончелист Николас Алтштед од Германија на концертот „Бернштајн 100“ закажан за 29 март. „Атрактивната Лисица“ е насловот на концертот на 19 април, на кој ќе настапи популарната пијанистка Валентина Лисица од Украина, а како диригент ќе се претстави маестро Габриел Бебешелеа од Романија, додека на 4 мај ќе биде изведен грандиозниот „Реквием“ од Моцарт, под диригентство на Емил Табаков. Мај ќе го одбележат уште два извонредни концерти – „Север и југ“ со истакнатиот пијанист Евгениј Судбин од Русија и „Нинг Фенг се враќа“ со фантастичниот солист на виолина Нинг Фенг од Кина.

Македонската филхармонија продолжува со реализација и на симфониските концерти за најмладите, како и со камерните концерти кои ќе се одржуваат во малата сала.

To top