Вчеравечер, вторник, 18 мај 2021 се одржа првата полуфинална вечер од 65. издание на изборот за Песна на Евровизијата – Евросонг 2021, на која беа одбрани првите 10 финалисти.
Македонија, која годинава ја претставуваше Васил Гарванлиев со песната „Here I Stand„ одново неславно го заврши настапот на Евросонг 2021, зашто Васил не успеа да влезе во финалето!
Стравувањата дека и овој пат сме „тенки“ во настапот, зачинети со бројните контроверзи уште од самиот старт на изборот на наш претставник и песна, се обистинија. Ниту целата (не)намерна галама и прашина со „бугарштината“ која се крена околу Гарванлиев пред заминувањето во Ротердам, ниту неговото отворено признание дека е геј, случајно или намерно темпирано да биде соопштено непосредно пред почетокот на првото полуфинале, ниту несомнените вокални квалитети на пејачот, не помогнаа.
Кога ќе застанеш таму горе на сцената „баш ги заболе“ дали си Македонец, Бугарин или Еским, геј определбата и не е некој адут, зашто како што можевме да видиме и препознаеме, Евровизија од хит парада, се’ повеќе личи на „геј парада“. А, кога сме кај пеењето, солидно пејат сите, иако очигледно само вокалните предиспозиции ниту оддалеку не се довелен адут за пласман. Недостасува нешто друго, ама што е тоа, што е рецепт за успех?
Одговорот веројатно прецизно не може да се каже во еден или два збора, но едно е сигурно: Недостасува таканаречен „пакет“ од сосмислен сценски настап, кореографија, шокантен костим, солиден вокал, „нереални“ визуелни ефекти, агресивна себе промоција, успешно лобирање… но пред се’, нај, нај, најважно е да се има добра, вистинска песна! Таа е базата, основата, темелот на која треба да се ѕида остатокот од „куќата на еврозвизискиот успех“. Без неа – нема ништо… Едвај само учество со едно појавување, колку да се рече дека и ние сме биле таму присутни. Или што би рекле даночните обврзници, бадијала, беспотребно фрлени пари!
Токму песната „Here I Stand“ која Васил Гарванлиев годинава ја отпеа, наместо најсилен беше најслабиот наш адут. Не дека е лоша, ама што би се рекло народски – не за секого, не е за народ, за на Евровизија. Недоречена, развлечена балада која повеќе наликува на музичка подлога за некоја филмска тема од од анимираните бајки на Дизни, отколку на евровизиско музичко парче спакувано во три минути. Освен вокалната изведба, настапот премногу статичен, без придружба на сцената, без впечатлива кореографија, со некаква визуелна порака од светлосни ефекти, која ама баш со ништо не отскокнуваше од останатите изведувачи и се стопи губејќи се во морето од изведби. Кога на сето тоа ќе се придодадат и веројатно отсекогаш нашите најслаби точки, политичките закулисни игри и лобирањето, станува јасно зашто одново останавме „со прстот в уста“… Само на учество, заради учество… Или европска музичка промоција на новото „North“ име, можеби?
На крајот, само една земја ќе го понесе трофејот, ќе рече некој, но сите останати заедно одново на еден начин ја соеднија Европа по ужасната корона пандемија. Ако е тоа утехата, во ред – бевме и ние таму како дел од тоа соединивање со Европа, кое никако вистински во релниот живот да дојде и по 30 и кусур години независност и сите наши напори.
Кој како и за кого гласал вечерва и на втората полуфунална вечер ќе се знае дури по завршување на финалето. Практиката на Евросонг за да не се знае кои се фаворитите од полуфиналињата, што би можело евентуално да влијае врз резултатот во финалето.
Секојдневните ПЦР тестови придонесоа атмосверата во салата иако далеку полна, да изгледа како во најдобрите времиња. Патем, заради мерки на безбедност по личното здравје на учесниите строго им било забрането да се дружат меѓу себе. Не, барем јавно!
Инаку, на првата полуфинална вечер свое место во финалето обезбедија Норвешка, Израел, Русија, Азербеџан, Малта, Литванија, Кипар, Шведска, Белгија и Украина.
Второто полуфинале ќе се одржи на 20 мај во кое ќе учествуваат 17 земји: Сан Марино, Естонија, Чешка, Грчка, Австрија, Полска, Молдавија, Исланд, Србија, Грузија, Албанија, Португалија, Бугарија, Финска, Латвија, Швајцарија и Данска, плус „големите сили“ Франција, Шпанија и Велика Британија кои само ќе гласаат во ова второ полуфинале.
Фото: Јутјуб принтскрин/ Eurovision song contest official page
Видео: Јутјуб