Наедна од последните седници на Владата на Република Македонија се донесе одлука за основање национална установа „Оркестар за џез музика во Република Македонија“ – Скопје.
Националниот оркестар ќе делува преку подготвување и јавно изведување на високо квалитетни музички дела од областа на џезот и сите сродни жанрови кои гравитираат или се изведени од оваа „класична“ култура на дваесет и првиот век.
Од Министерството за култура известуваат дека Националната установа просторно ќе се смести во објектот на НУ Национална Филхармонија, а по потреба ќе го користи и музичко-сценскиот простор на НУ Национална опера и балет.
„Со оглед на празнината што државата ја има со непостоење на ревиски оркестар, оваа установа ќе се грижи за подобрување на музичката продукција, ќе се залага за едукација на млади таленти и ентузијасти, ќе организира џез фестивали и настани кои ќе помогнат во негување на џез културата на територијата на целата држава и ќе работи на сопствено вмрежување во меѓународни организации кои ја негуваат истата дејност“, додаваат оттаму.
Од Министерството истакнуваат дека преку установата ќе се негува талентот за џез музичарите кои работат и кои се школуваат во земјава, преку овозможување на траен и одржлив ангажман, што ќе создаде услови тие да создадат врвни дела и да ја афирмираат џез културата, како и да ја популаризираат македонската џез музика.
„Новата национална музичка институција се формира на иницијатица на Здружението на џез музичари и слободни уметници, кое со својот биг бенд во изминативе години постигна голем успех во земјата, во регионот и во Европа и со своите концерти пополни огромна празнина во овој дел на музичката култура“, соопштуваат од Министерството за култура.
Оттаму посочуваат дека Оркестарот на Здружението на џез музичари и слободни уметници веќе се има докажано како врвен ансамбл кој е на ниво на светските стандарди, па како Национална установа ќе продолжи во насока на ширење на концертната дејност, организирање работилници и други музички изведби со кои ќе настапува дома и во странство.