Мегафон празник

Македонија денеска одбележува 29 години независност: „Среќен роденден татковино“

Македонија денеска одбележува 29 години независност: „Среќен роденден татковино“

Во земјава денеска се одбележуваат 29 години од независноста, односно од успешно спроведениот референдум во 1991 година на кој македонските граѓани се изјаснија за самостојна и суверена држава.

Годинава, поради пандемијата со Ковид-19, прославата ќе се одржи во посебни услови согласно протоколите на Комисијата за заразни болести за одбележување државни празници, без масовни народни собири, со минимум присутни лица и почитување на мерките за заштита и растојание.

Централната прослава ќе биде на отворено во дворот на Владата каде ќе се обрати Зоран Заев.

Претходно, владина делегација предводена од премиерот ќе положи цвеќе на вечните почивалишта на поранешните претседатели на државата Борис Трајковски и Киро Глигоров. Во состав на владината делегација, според најавите, ќе бидат и првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, вицепремиерот задолжен за борба со корупција и криминал Љупчо Николовски и министерките за образование и наука и за труд и социјална политика, Мила Царовска и Јагода Шахпаска.

Цвеќе пред вечните почивалишта на поранешните претседатели Глигоров и Трајковски ќе положи и собраниска делегација составена од пратеничките Снежана Калеска-Ванчева и Велика Стојкова-Серафимовска.

На денот на независноста се доделуваат и традиционалните награди „8 Септември”. Годинава, наградата за животно дело за исклучителен придонес во развојот и афирмација на спортот му се доделува на Љуљзим Вренези, а наградата со која им се оддава признание за спортисти, тенери и спортски работници ќе им биде врачена на Сократ Ефтимовски, Бесник Мурати, Ванчо Јовановски и на Ѓорги Вучков.

Во пресрет на одбележувањето синоќа артилерискиот баталјон на Армијата изврши почесна артилериска стрелба со пет плотуни.

To top