Една стара приказна која се провлекува речиси една година, па и подолго, деновиве одново добива на актуелност во политичките кулоари и и’ ја полни устата на чаршијата.. Зашто политиката е и онака сама по себе скокотлива, особено ако главна тема во неа се љубовните врски и прељубите, разводите и новите бракови, политичките разрешувања заради одмазда…
Имено, уште во март минатата година порталот Доказ.мк пишуваше за наводно „тајните и забранети врски“, во кои главни протагонисти тогаш беа еден многу актуелен македонски министер и една позната новинарка. Нивните наводни „безгрижни интимни шепотења во темнината“ порталот ги изнесе во јавноста во вид на прашања на кои побара одговор. Повеќе како нагаѓања или (хипо)тези, ама сепак, како што е познато во народот, секаде „каде што има чад, има (ли?) и оган“!
Токму ова не само што ги подгреа, туку и ги запали не само чаршијата и политичките кулоари, туку и социјалните мрежи, па на оние што подобро ги познаваат сите споменати, им се отворија очите и почнаа да си го одмотуваат клопчето дека можеби „блиските релации“ се зачинети и со „забранети врски“… За кои, речеси една година подоцна, откако маските и функциите паднаа, повторно се зборува.
Имено, еве ја приказната која стана одново актуелна, за наводните љубовни сплетки на министерот, новинарката, нејзиниот сопруг – сега разрешен конзул и шефот на кабинетот… Или поточно, што се (о)зборува за тоа, кој од кого се разведува, а кој кого ќари – муабети што ја „зовреа“ и чаршијата и политичките кулоари!
Како што веќе тогаш пишуваше споменатиот портал во неколку наврати, а сега пишуваат и другите, наводно, во прашање е министерот за надворешни работи на земјата на која и кумуваше во прекрстувањето на уставното име и новинаката која ја врши функцијата асистент на главниот и одговорен уредник во економскиот неделник „Капитал“. Обајцата во брачна заедница, со деца. Сопругот на новинарката инаку ќе биде пратен да ја извршува должноста конзул во Будимпешта на Република Македонија, подоцна, знаете како веќе прекрстена.
Во меѓувреме блискоста на министерот и новинарката наводно ќе прерасне во „интимна дружба“ која ќе достигне такви размери што ќе излезе од контрола на дискрецијата, па за неа ќе дознаат и луѓе од блиското опкружување, кои потоа скокотливата вест ќе ја прошират правејќи од неа „јавна тајна“, за која споменатиот портал прашува: „Што тоа делат во темно министерот и уредничката на економскиот неделник?“
„Мажот на годината“ како што тогаш министерот го прогласија, веројатно понесен од старата скопска изрека: Да “онадуеш“ нешто, а да не се пофалиш, исто како да не си „онадуел“… машкоста не можел да ја додржи, па муабетите велат стигнале и до ушите на „душманите“, а од нивна уста и до неговата сопруга и… разводот чукнал на врата!
Од другата страна, кај новинарката и конзулот, развојот на настаните ист… Сопругот на новинарката, поставен за наш конзул во Будимпешта од таму дознава за „слободата во која уживала“ неговата сопруга тука, и тиквата пука и кај нив… Двата брака се во наводна фаза на развод, а екс – министерот и уредничката пред олтар… Кому втор, кому трет пат во животот!
Патем, „љубопитниот“ сопруг е разрешен од функцијата, односно конзулот од Будимпешта е вратен дома! Веројатно погодувате по чија наредба и зошто?
Така отприлика изгледа приказната што чаршијата ја плете, а во политичките и не само политичките кулоари сега гласно се раскажува. Нешто како турска серија… Но, за да биде заплетот бетер и од сценаријата во турските серијали, се погрижиле уште двајца политички протагонисти од кабинетот на првиот човек на МНР, од кои едната личност имала врска со „унгарскиот“ конзул…
Имено, во меѓувреме шефот на кабинетот на министерот за надворешни работи, наводно исто така се разведува, а добро упатените велат дека и почнале да живеат заедно со една од советничките во министерскиот кабинет, која пак види ли случајност (?!), да ти била бивша девојка на конзултот од Будимпешта… Оној разрешениот од министерот за надворешни и до скоро (можеби официјално и се’ уште) сопруг на новинарката – уредник, со која министерот му го растурил бракот!
Вистина или само шпекулации, чаршиски муабети или сурова реалност, кулоарски озборувања или љубовни сплетки налик на сериите кои ги гледаме, многу наскоро времето ќе покаже!
Впрочем, за многу нешта се зборувало дека муабетите за „делењето во темнина“ се само злобни инсинуации, па веднаш потоа се покажало дека „од делењето“ не само што некој „се размножил“, туку „делувањата во темнина“ не се само плод на љубовни, туку и на „опасни врски“… од друг вид!