Овој вторник (5 март), во 20 часот, гостите ќе имаат ретка можност да бидат дел од латино-џез концертот на атрактивниот Флорес, добитник на престижни светски награди, кој прави вистинско уметничко шоу.
Маестралните Пачо Флорес на труба, Лео Рондон на гитара и Хернандез-Силва на перкусии од Венецуела, со латино-џез ќе ви овозможат едно исклучително уникатно музичко искуство!
Заедно со овој маестрален музичар, чие ЦД го доби Златниот медал на „Глобал мјузик авардс“, ќе настапат и Лео Рондон на венецуелска гитара „куатро“, уште еден харизматичен музичар, потоа Мануел Хернандез Силва кој е диригент, но овој пат ќе свири перкусии, како и македонските врвни музичари: Иван Бејков на контрабас, Кирил Кузманов на саксофон, Филип Димишковски на пијано и Виктор Филиповски на тапани.
Оваа фузија од балканска музика со традиционален латиноамерикански џез, ќе создаде неверојатно шаренило од звуци, страст, егзотика, танц. Гостите од Венецуела всушност, овој четврток настапуваат како солисти со оркестарот на Македонската филхармонија со мошне впечатлива програма, а во вторник ќе ги здружат своите креативни сили публиката да ги види и слушне во поинакво светло, кое ќе претстави врвна, квалитетна, но и импресивна музика. Триото од Венецуела настапува често заедно, а пбуликата во светот постојано се воодушевува од нивната уметничка моќ.
Трубачот Пачо Флорес е фокусиран на промоција на современата музика. Првата награда која ја освоил на најпознатиот меѓународен натпревар за труба во светот „Морис Андре“, како и на „Филип Џонс“. Флорес добил и врвно признание за неговите интерпретации како солист, способен подеднакво да управува со класичните и популарните жанрови. На своите магични изведби, тој им додава огромна доза на енергија обоена со најубавите инструментални бои.