Убава, згодна, неопходна, сексапилна, заводлива, неодолива, вамп… Тоа е таа – Преслава, новата газдарица на „Преспав“! Или поточно, актерското засилување од Бугарија во ликот кој на прва ги освои гледачите… Особено, оние од посилниот пол!
Новата сезона на популарната ТВ серија тукушто почна да се емитува, а покрај веќе препознатливите актери и нивните брилијантни актерски ролји, нејзиниот лик е вистинско освежување во „Преспав“. И како актерски лик и за очи… Но , знаете ли која е Преслава, или како што новата шефивца на пансионот – Јелена од Драчево ја вика, Славче?
Зад ликот на Преслава се крие една сестрана уметничка душа. Јана Маринова, 40 годишна актерка, која играла во над 350 епизоди од различни серии, играла во бугарски и американски филмови, во театарот… и повеќе од тоа.
Убавата Јана верувале или не, покрај сето тоа е и каскадер! Јава, па и скокала од коњи, учествувала во женски рели-трки, од кои дури има и еден освоен пехар.
Учествувала во реалното шоу „Survivor“ каде ги покажала својата сила и издржливост, била и Мис на Бугарија, снима реклами, танцувала на шипка како професионалец, тренира бокс и карате…
Сега само повремено работи како каскадер, кога ќе процени дека станува збор за нешто многу возбудливо и интересно.
„За мене е нормално да направам жртва во име на кариерата. Сè што ми се случило оставило трага на моето лице, но важно е да ми се допаѓаат моите брчки. Нашиот најголем непријател е оној во огледалото. Мора да ги затворите очите и да го следите ритамот на своето срце“ – ќе изјави неодамна Маринова во своето прво интервју за македонските медиуми.
Интересно е што Јана прво завршила економија и започнала да работи во семејниот бизнис како менаџер на ресторан. Но бргу сфатила дека не се пронаоѓа во тоа и се посветила на работењето во различни сфери, за кое сметала дека може да и донесе солидна заработка.
Маринова усовршувајќи го своето актерско знаење, неодамна ја посетила познатата Школа за актерство на Ли Стразберг во Лос Анџелес, каде што три месеци интензивно изучувала актерски техники.
Едноставно Јана е неуморна, мултимедијален уметник кој сака да живее од предизвици, колку и да се тие опасни и неизвесни. Но, нејзиното мото: „Никој не го исполнил својот сон без да им се спротивстави на сопствените стравови“ – е она што ја турка постојано напред. Затоа и не бега од нив, како ни од провокативните улоги ниту во театарот, ниту на филм и ТВ.
Колку да се знае, во семејната комедија „Живи легенди“, била стриптизета. Четири месеци интензивно се обучувала за танцување на шипка, додека на аудицијата за улогата во серијата „Врски“ продуцентите и покажале видео во кое една жена ги симнува гаќичките под фустанот и ги осстава на масата за билијард.
Мислела дека се шегуваат, но тие и рекле: “Немој да се смееш, ни требаш за оваа улога”, открива таа. И тогаш одлучила: “Зошто да не?” Продуцентите, според подоцнежните реакции на публиката, ја избрале вистинската актерка!
Епа, Славче, „обаче е страхотна“…
Подеднакво атрактивна и како русокоса и како црнка, подготвена да ги прифати сите предизвици!