Радио Милева се раќа еднаш на милион години

Клаудија Шифер: Од патолошки срамежлива тинејџерка до супермодел каков што веќе не постои

Клаудија Шифер: Од патолошки срамежлива тинејџерка до супермодел каков што веќе не постои

Германката Клаудија Шифер беше една од супермоделите кои доминираа на светската модна сцена речиси 30 години. Во текот на кариерата, таа стана и жена со најголем број насловни страни на магазини – преку 500.

Една вечер, пред повеќе од 30 години, Клаудија Шифер, патолошки срамежливата тинејџерка која живее во предградието на Дизелдорф, има една обврска пред неа што подразбира социјализација. Семејството Шифер има гости од Хамбург и Клаудија е задолжена да ги однесе некаде да се забавуваат. Локалниот клуб не е добар избор, па затоа одат во еден ноќен клуб во центарот на градот. Клаудија никогаш порано не била на такво место – делумно поради проблемот со превоз (далечината на живеење), а делумно поради срамежливоста.

Но, благодарение на ситуацијата во која се нашла, со сина сенка на очи и руменило, Клаудија оди во клубот и таа вечер ќе стане судбинска. На истото место ќе се најде и моден скаут, кој пак, воошто не ни требал да биде таа вечер во клубот.

-Останатото е историја. Толку многу случајности, толку многу нешта што можеа да тргнат сериозно лошо, да тргнат по некој друг пат. А ништо лошо никогаш не ми се ни случило. Само две работи, што дури и не можам да ги наречам така. Еднаш се возев во приватниот авион на „Ревлон”, и одевме од град во град, но наеднаш се појавија некои проблеми и моравме итно да слетаме. А вториот пат, бев во мал авион и вратата од мојата страна се отвори, го ставив ременот и цело време се држев за него. Тоа е сè – раскажува моделот од денешна перспектива.

Малкумина знаат дека нејзината желба била да студира право и да работи во фирмата на татко ѝ, но подоцна се вљубува во модата и претходните амбиции паѓаат во вода.

Првите ангажмани почнуваат во 1987 година. Денес е синоним на супермодел од 90-тите, кога и беше пикот на нејзината слава.

За таквиот живот и кариера долга три децении, таа неодамна изјави дека има прекрасни спомени и чувства.

– Беше неверојатно. Понекогаш се чувствував како да сум рок ѕвезда. Во некои моменти имавме и обезбедување, бидејќи неверојатен број луѓе сакаа да нè видат, допрат, да се фотографираат. Најлошо беше за време на ревиите, кога редовно ни крадеа долна облека, градници, чорапи… Од големиот број луѓе, не можевме да стасаме и до автомобилите. Во тоа време работев со водечките модни брендови и едноставно не мислев дека ангажманот во видео-спотот на Мајкл Џорџ ќе се вклопи во сето тоа. Ја одбив понудата и сега гледам колку тоа било глупаво – искрена е Шифер.

Градејќи се како модел, била опкружена од т.н. ураган на алкохол и дрога.

-Тоа никогаш не дојде ни блиску до мене. Не ми се допаѓаше вкусот на алкохолот, ми горчеше. Сокот од праска имаше многу подобар вкус. Првата чаша вино ја испив во доцните 20-ти и си помислив: „Ова нема лош вкус!”. Ако помислите на сите работи што се случуваат во овој луд свет, веројатно ќе си кажете, како е можно да се трае 30 години и да се одбегнат сите лоши работи. Веројатно има некој, од некоја друга планета, или друго место, пратен на оваа наша Земја, кој имал за задача да ме чува. Јас верувам во тоа“ раскажува убавата русокоса.

Моделството го нарекува „свој спасител”.

-Да не беше моделството, веројатно сè уште ќе бев екстремно срамежливата личност, која ќе пропуштеше да искуси многу работи. Бев патолошки срамжлива и немав идеја како да го надминам тоа, . Веројатно ќе работев некоја работа во која ќе бев во позадина, како банка или нешто „зад сцената”. Моделството беше мојата терапија. Научив како да комуницирам, како да се однесувам со луѓе и секако, да имам успех во нешто – вели Клаудија.

Таа додава дека овој бизнис воопшто не е лесен и дека многу девојки потклекнуваат на патот да станат успешни.

-Многу модели ми се јавуваат и ми велат, многу е тешка оваа работа, не можам да се справам со неа. Да, тешка е, особено ако си чувствителен. Мора да имаш „дебела” кожа ако сакаш да успееш. Влегуваш во студио, а луѓето веќе ти зборуваат зад грб и можеш да ги слушнат, дури не се ни трудат да бидат културни, затоа што нив воопшто не им е гајле дали ти ги слушаш или не и го кажуваат сè она што не е добро на или кај тебе. Ќе те најмат за работата, па ќе ти откажат, а твојата другарка ќе ја добие работата. Од некоја причина, јас секогаш имав малку чуден, арогантен став кој велеше, јас ќе бидам добро, ќе најдам нешто друго. Моделингот е натпревар, конкурентност. А во 1990 конкуренцијата беше огромна. Кога ќе се видевме една со друга, секогаш сè се сведуваше на тоа, ајде да се забавуваме и да бидеме пријатели. Но, зад сцената секогаш излегуваше конкурентноста и прашањето: „како можам да ја добијам оваа работа?”. Но, од оваа перспектива гледано, тоа и не беше толку лошо, бидејќи сите бевме успешни. Супермодели какви што бевме ние, веќе не постојат – вели Шифер.

На прашањето дали 1990-тите се подобри од сегашното време и дали подобро се заработувало, ќе каже:

-Не би кажала дека беше подобро, но беше поинакво време. Денес можеш веднаш да видиш како ќе изгледа фотографијата. Тогаш немаше дигитална фотографија, сè се одвиваше преку Полароидите. Па, сите мораа да работат уште понапорно, затоа што никој не беше стопроцентно сигурен дека ја има вистинската фотографија. Работевме многу понапорно и многу повеќе часови, но имавме и многу повеќе време и поголем буџет. Снимањето можеше да трае недела или две. Сега е во еден ден. Сè е многу брзо, кратко, навистина е бизнис. Потоа, акцентот беше ставен на финалниот производ, на креативноста. Сè беше подредено на модата. Никој од музичката индустрија или актерите не доаѓаше предвид, дури ниту најголемите имиња. Моделите, фотографите, дизајнерите… беа вистински „рок ѕвезди”. И имаше многу емисии тогаш. Ако прашавте некој да плати за да се појавите, ќе платеше и немаше никаков проблем. Денес, секој може да се занимава со оваа работа, но тоа воедно прави уште поголем конкуренција, па морате да бидете и нешто повеќе од модел – актерка, пејачка, активист… мора да слушнат за вас, да ве забележат, за да опстоите подолго во овој бизнис.

Никогаш не очекував вака долга кариера. Секогаш си мислев дека 30 години се крајната возрасна граница со која би можела да опстојам. Потоа, сфаќате дека 40-ката е новата граница, а потоа дефинитивно е готово. Но, денес, имам преку 40 години, а исто и другите девојки. И нема никаква врска со физичкиот изглед, туку со тоа дали сте успеале да изградите име, бренд за самите себе. Ако сте познати, ако сте достигнале успех до одредена точка, ќе „живеете” подолго во овој бизнис. И бидејќи ја сакам модата, не сакав да прифатам ништо друго освен модни ангажмани. Тоа е мојот свет. Исто така, една од работите по која сум позната е што никогаш не прифаќав да излезам на писта, ако не носам удобни чевли. Нешто што најмалку сакам се убави, но неудобни и недобро изработени чевли. Обувката мода да „легне” на ногата и да го држи стапалото, за да не паѓате. Исто така, уште од почетокот поставив принципи – да не се сликам гола и во вулгарно издание. Не е тоа поради тоа што сум Германка, кај нас во парк можете да видите голи луѓе како лежат и ок сум со тоа, но се работеше за принцип – објаснува Клаудија.

Еден од советите на кој многупати му се навраќала е од славниот дизајнер Карл Лагерфелд.

-Она што многу ми помогна е советот на Карл кој уште на почетокот ми рече да бидам своја и да не се грижам за тоа што другите сакаат да бидам и како тие сакаат да изгледам. Низ кариерата, постојано се сеќавав на неговиот совет и им верував на моите инстинкти -вели манекенката.

Сепак, без оглед на сè, вели дека овој живот што го има сега, не би го менувала за тој претходно.

-Сакам достоинствено да стареам. Не ми треба некој да ме ословува со „убавица” цел живот. Подготвена сум тој дел од животот да го ставам зад себе. Сега сум во сосема ново поглавје од животот. Некои нови генерации треба да ја преземат палката. Тоа е сосема нормално. Ниту сум љубоморна, ниту пак завидувам. Всушност, некој сега да ми даде апче кое ќе ме врати 20 години наназад, без размислување би го одбила. Трагањето по вечна младост или убавина е залудно и погрешно – вели Клаудија.

To top