Во недостаток на наши манифестации од таков тип, регионалните музички талент шоуа се згодна прилика за помалку или повеќе познатите македонски музичари или некои нови, сосема анонимни „клинци“ да покажат што знаат и умеат и уште еднаш да докажат дека Македонија има таленти! Или поточно, е неисцрпен извор, особено, на оние, музичките!
Токму едно од ваквите шоуа со натпреварувачки карактер е „Некои нови клинци“, кое на младите тинејџери им дава можност за прв пат висtински да ги почувствуваат светлата на големата сцена и вкусот на успехот. Но, ако мислите дека на таа иста сцена лесно се доаѓа, сте се излажале зашто конкуренцијата е огромна, а бројот на кандидати се мери во илјадници. затоа само најдобрите и најталентираните ја добиваат првата, но не и последна шаса… Можноста да се покажат, докажат и ако даде Бог, победат и прослават!
Меѓу нив, секогаш има и голем број Македонци, а токму една прекрасна млада дама беше ѕвезда на вечерта на последното викенд издание на „Некои нови клинци“.
Имено, 13 годишната штипјанка Елена Наумова годинава повторно се обиде да си ја проба среќата… и тоа го направи на маестрален начин!
Ќерка на Лазар Наумов, професор по музика во ДМУЦ Сергеј Михајлов во Штип, инаку клавијатурист на познатата фолк група „Бумбари“, малата „распеана пчеличка“, одржа вистинска лекција по пеење во првиот круg на споменатото регионално музичко талент шоу!
Елена ја изведе песната „Влак“ на култната белградска група Зана, а уште по првите испеани стихови, почнаа да се притискаат тастерите… На средината од нејзиниот настап членовите на жирито веќе беа на нозе, играјќи и пеејќи со нашата Елена!
Резултатот на крајот – сите шест запалени светилки на тастерите, грст пофални зборови и пласман во следниот круг!
Браво за Елена, божјата дарба наследена од родителите и професорот кој одлично го подготвил своето чедо, кој заедно со својата понежна половина будно стрепеа зад сцената следејќи го настапот на нивната Елена! А таа, им го обели образот, „за сите пари“… И ним и нам!