Мегафон

Ќе се основа нова установа, „Оркестар за џез музика“

Ќе се основа нова установа, „Оркестар за џез музика“

Владата на вчерашната седница донесе одлука за основање национална установа „Оркестар за џез музика во Република Северна Македонија“ – Скопје.

Установата се очекува да создаде високо квалитетен македонски џез производ, којшто ќе постави нови критериуми и повисоки стандарди на македонската џез сцена и ќе стане препознатлив во земјава и надвор од неа, по својата уникатност.

Основна дејност на оваа установа, како што е образложено од ресорното Министерство, е предвидено да биде музичката дејност, односно подготвување и јавно изведување високо квалитетни музички дела од областа на џезот и сите сродни жанрови коишто гравитираат или се изведени од оваа „класична“ култура на дваесет и првиот век. Оваа установа, ќе ги зачува талентираните џез музичари кои ги има, ќе им овозможи траен и одржлив ангажман, што ќе создаде услови тие да создадат врвни дела, ќе се грижи за негувањето на џез културата, ќе ја афирмира и популаризира македонската џез музика во земјата и надвор од неа, а ќе се залага за едукација на млади таленти и ентузијасти, ќе организира џез фестивали и настани коишто ќе помогнат во негувањето на џез културата на територијата на целата држава и ќе работи на сопствено вмрежување во меѓународни организации коишто ја негуваат истата дејност.

Донесена е и Одлука за основање национална установа „Галерија на Гостивар“ – Гостивар, Република Северна Македонија.

Установата е предвидено да врши музејска дејност заради истражување, собирање, стручно и научно обработување, подготвување и презентирање на музејските материјали и афирмација на уметничкото творештво од полошкиот регион, а со цел промовирање на значењето на културното наследство од полошкиот крај.

Основањето на национална установа „Галерија на Гостивар“ – Гостивар, претставува важен чекор за реализација на Националната стратегија за развој на културата, со цел демократски, слободен, динамичен, рамномерен и одржлив културен развој.

извор:курир.мк