Досега невидени сценски визуелни ефекти во форма на 3Д мапинг и уникатна програма ќе бидат премиерно прикажани на концертниот спектакл „GROOVE“ (ГРУВ) на македонскиот камерен оркестар „Профундис“ кој ќе се одржи на 21 април на сцената на Македонската опера и балет.
На ова аудиовизуелно доживување како солист ќе настапи виртуозот на виолончело Драган Ѓорѓевиќ – Сузуки, кој пред македонската публика ќе се претстави заедно со врвните музичари од камерниот состав „Профундис“ под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ.
Музичкото искуство на присутните ќе биде збогатено со специјално креирани 3Д визуелни ефекти кои со технологијата на 3Д мапинг во целост ќе ја оживеат сцената на Националната опера и балет и ќе бидат уникатно доживување кое за првпат ќе се случува во нашата земја на концерти од класичната музика.
На концертниот спектакл „GROOVE“ (ГРУВ) ќе прозвучи оригинална програма со четири праизведби составени од класиката, преку фолклорот, до рокенролот. Ексклузивноста на програмата преку делата на Џими Хендрикс, Палп Фикшн – Мизерлоу, В.Валтон, Д.Шостакович, Офенбах, Попер и Сарасате ќе ја збогати и делото на македонскиот композитор Дарко Илиевски – „Motus folklorikus“, напишано специјално за овој настан и посветено на камерниот оркестар „Профундис“.
Настанот ќе се одржи во Македонската опера и балет, на 21 април (петок) со почеток во 20 часот. Влезницитесе продаваат преку продажната мрежа на МКТикетс во државата.