Еххх, Македонијо, земјо мачна, напатена… Покрај се што ни се случува, ни се случуваат и гафови од кои да ти е срам да си тоа што си. И по националност и по професија.
А како и не би кога премиерот не ти разликува „традиција од трагедија“, а владата тешкиот гаф на шефот се обидува да го скрие под тепих? А гафот не е ниту обичен, ниту безначаен, туку удира во најболната точка на една од најголемите светски ТРАГЕДИИ, во живата рана која никогаш целосно нема да зацели на еден цел народ и не само негова. А ти по ТРАДИЦИЈА „кинеш зелени“ обраќајќи им се на најважниот ден!
Ама во македонското новинарство или поточно, она што останало од него, денес најважно е она таканареченото „он лајн“ новинарство! Или кусо кажано порталите. Ај што во новинарскиот сајбер простор е „дива лига“, па владее незапаметен хаос без правила, ај што краде кој од кого стигне, а, „копи – пејст“ дактилографијата е врвно новинарско остварување, па и она малку нешто што ќе се обидат да го напишат или се „фејк вести“ или невидени гафови. А како и не би, кога деца собрани од улица за џепарлак за кикирики ти се главните „фотокопирџии“ и куцачи на соопштенија во нашето „он лајн(о)“ новинарство! Од партиски нарачки, до неписмени и лоши преводи, на кои „Гугл транслејт“ им е главна алатка за совладување на странските јазици. Познавањето на материјата и личностите, нивниот лик и дело им се „шпанско село“!
Затоа и не е ни чудо кога на многу од морето портали ќе најдете небулози од различен тип. И не е чудо кога ним Весна „Бејби“ Петрушевска им е исто што и Весна Змијанац!?
И откако ќе ја увидат или некој ќе им ја каже новинарската ТРАГЕДИЈА што ја направиле, тие по теркот на Владата, по ТРАДИЦИЈА ќе се обидат да ја сокријат веста, па ќе ја избришат!
Па, ако Весна – „Бејби“ е Змијанац, тогаш да речеме, што не би можел Драган Вучиќ да биде Александар Вучиќ?
Ама што ти е гајле… Пиши Вуќиќ! Водител или претстедател, Драган или Александар – сеедно!
Важно е да е Вучиќ. Каква „прекрасна“ новинарска традиција… Пардон, трагедија!