Мегафон

Каде за Нова година во Скопје?

Каде за Нова година во Скопје?

Помалку од еден месец пред “најлудата ноќ”, а прашањето “Каде за Нова година?”, е едно од најчестите.

Влеговме во месец декмеври, а тоа автоматски значи и правење на подготовки, каде за Нова година? Кого и да сретнете овие денови, во какво и друштво да се најдете, со сигурност ќе го добиете оваа прашање.

Скопје почнува да добива новогодишна атмосфера. Градот почна да се украсува, а угостителските објекти уште при крај на месец ноември се украсени и подготвени за новогодишните празници.

Дочек на Нова година вообичаено. Некој планира патување, некој во кафеана или дискотека, некој на плоштад, а некој дома.

И оваа година туристичките агенции излегоа со своите понуди за блиски и далечни дестинации. Оние кои се решени да патуваат, резервации прават и месеци порано.

Прашањето „Каде за Нова година?“ станува актуелно уште месец пред дочекот, но реално никој нема поим каде сè до последен момент.

Ви нудиме неколку совети за да одлучите како ќе ја испратите годинава и дочекате 2019-та.

Може слободно да се каже дека трендот на дочекување Нова година „лудо и незаборавно“ некако опаѓа. Годинава, сè помалку луѓе се веќе решени што ќе прават за исфорсираната „најлуда ноќ“. Но, сепак притисокот дека треба нешто да се прави, постои, бидејќи, реално, преживувањето на оваа година треба да го славиме повеќе од кога и да е – успешно ја „протуркавме“ една од финансиски најтешките години, и покрај глобалната криза, живи и здрави сме, па зошто да не му се радуваме на тоа?

Ако сè уште ве мачи прашањето каде за Нова година, еве неколку опции и нивните предности и недостатоци, па на крај, одлучете вие.

Дочек на плоштад

За: Плоштадите кај нас секогаш имаат добра програма, можеби не одлична, но сепак солидна. Плус, бесплатно е, а можете да го донесете целото друштво или семејство и да не поминете скапо.

Против: Сепак е декември, што значи може да биде многу студено, а тоа да го расипе расположението. Покрај тоа, пиротехниката е уште еден проблем на кој треба да внимавате, за да не си заминете со оштетени чизми, или, не дај боже, повредени.

Дочек во кафуле

За: Добра организација на прославата и можност за резервирање место, маса или сепаре. Ако е тоа вашето омилено кафуле, знаете каква музика може да очекувате и горе-долу да знаете кои луѓе ќе бидат на соседните маси.

Против: Сумата на пари која треба да ја издвоите за неколку кифли и пијалоци е поголема, а ветениот број на столчиња најчесто не е соодветен со реалниот. Всушност, вистината е дека треба четирикратно повеќе пари да издвоите за нешто што го практикувате секој викенд.

Дочек во дискотека

За: Можете квалитетно да се „изжуркате“ за новогодишната ноќ, да се изнаиграте и изнаскокате, а знаете дека цената на пијачките е скоро иста како во редовна вечер. Плус, ако сте сингл, можете и да запознаете некоја интересна фаца.

Против: Немате резервирано место за седење (освен ако не сте подготвени да платите малку „посолена“ сума), што значи дека можно е и цела вечер да ја поминете на нога и туркајќи се. А, ако сте редовен посетител на дискотеките, тогаш сигурно нема да ви се плаќа 4-5 пати поголема влезница за програма, пејач или бенд кои и онака редовно ги посетувате и веќе ви се преку глава.

Дочек во изнајмен простор или дома

Зa: Можете да се соберете огромно друштво, сами да си ја изберете музиката, пиењето и да помините релативно евтино.

Против: Ако сте вие во организација на дочекот, можете да имате многу „замарања“ – од наоѓањето простор, до собирањето пари, купување работи, обезбедување музика и озвучување. А, треба да мислите и на чистењето наредниот ден и можните предизвикани штети.

Дочек во ресторан или кафана

За: Ако сте поголемо друштво, ова може да биде супер комбинација за вас. Имате избор на јадење и пиење, претежно добра музика и повод да ја облечете најсвечената облека во вашиот плакар.

Против: Постојат големи шанси дочекот на Нова година да изгледа како свадба, со ора, чочеци и по некоја скршена чаша. Ако не сте љубител на ваквиот начин на забава, не би ви препорачале. Плус, да не ги занемариме парите кои би ги платиле за ова задоволство.

Што ќе одберете за дочекот на 2019-тата, останува на вас, вашите можности и подготвеноста за малите испади. Сепак, ако мислите дека Новата година е само исфорсиран настан, тогаш слободно можете да одлучите и да останете дома и да ја преспиете 🙂

Извор:Скопјеинфо.мк

To top