Јелена Розга живееше во страв неколку месеци, бидејќи, додека беше во родниот Сплит за време на својата корона изолација, таа била прогонувана од еден опседнат обожавател.
Ова не е прв пат Розга да има проблеми со своите обожаватели, но сега, како што вели, таа е навистина исплашена.
„Се исплашив дури и во тек на денот. Морав да излезам да го прошетам кучето, и одеднаш сфатив дека не сум сама. Само што се свртев – тој. Воопшто не ми беше сеедно. Па, кој сака да живее во страв, трчајќи да бара спас кон лифтот и слично? Ужасно чувство… Ми се чини како да сум магнет за нив, дека едноставно привлекувам такви луѓе!? Но, се надевам дека ова беше последен пат“ – рече Јелена во интервјуто за „РТЛ Ексклузив“, без да наведе дали се работи за истата личност која веќе со години ја прогонува. Се работи за извесен Синиша, кој живее и работи на релација Хрватска-земјите од Западна Европа, но ја следи во чекор, доаѓајќи буквално на секој нејзин настап, каде таа и да пее.
Опседнат со Розга, тој и праќал букети цвеќиња, скапи подароци, се обидел дури и да ја побара за жена… Сведок на еден таков негов „излет“ при настапот на пејачката во Македонија, поточно во еден познат ноќен клуб во Струмица пред неколку години беа и новинарите на нашиот портал.
Тогаш дотичната личност отседнал во истиот хотел каде што беше сместена пејачката и земал соба до собата на Розга, која потоа го смени престојот на друг кат во хотелот, а цела ноќ мораше да ја чува приватно обезбедување, но за среќа се’ мина мирно и без никакви инциденти.
Инаку Розга откри и дека во моментов единствен маж во нејзиниот живот е осумгодишното куче Ринго.
„Тој е многу љубоморен на моите фанови. Ги сака жените, но не и мажите“ – се пошегува таа.