Нејзиниот емотивен настап беше еден од највпечатливите на MAC, а од церемонијата го понесе и признанието за најдобра поп нумера на женски изведувач според оценката на публиката за песната „Узмем колико ми даш“. Настапи во придружба на Тончи Хуљиќ, а на 27 јануари во Штарк Арената Јелена Розга ќе има самостоен настап, и не ја крие возбудата заради церемонијата која ѝ останала во најубави спомени.
„MAC уште минатата година со својата премиера покажа дека ќе биде голема работа. Се радувам што и годинава ќе бидам дел од еден таков продукциски сериозен спектакл. Подготвувам одличен настап и едвај го чекам 27 јануари, се гледаме во Штарк Арената!“
Моментално најпопуларниот регионален двоец Буба Корели и Џала Брат со видео порака го најавија својот настап на MAC. На прашањето каков настап подготвуваат, одговорија дека секој нивен настап е спонтан и е резултат на нивниот однос со публиката.
Светски познатиот состав Балканополис, кој комбинира џез и поп музика со балкански традиционални мелодии и ритми, подготвува величествен настап на MAC. Нивниот единствен, препознатлив звук привлекува големо внимание како на домашната така и на светската јавност, а за MAC публиката најавува спектакл:
„Балканополис е почестен со поканата да настапи на овој исклучителен, регионален настан. Деталите од самиот настап не можеме да ги откриеме, само ќе кажеме дека возбудата е голема и дека подготвуваме удар на креативна енергија.“
Уште една необична фузија од различни звуци доаѓа од бандата С.А.Р.С., чиј фронтмен Жарко најави енергичен настап на MAC:
„Имав можност да видам како изгледаше минатата година, барем некои сегменти, и видов дека продукцијата беше фантастична. Супер ми е дека и С.А.Р.С. бендот оваа година е дел од таа манифестација и ќе подготвиме одличен настап, тоа дефинитивно можете да го очекувате. За прв пат и ние ќе имаме можност да настапуваме во ваква гламурозна продукција, така што и нам ќе ни биде необично, но убаво искуство во исто време.“
На импозантната бина на MAC манифестацијата ќе заблеска и Невена Божовиќ, која од минатиот MAC понесе убави спомени, но и признание за најдобра електро и алтернативна поп нумера според оценките на радиостаниците за песната „Јасно ми е“.
„Сакам големи сцени, а ова е единствена можност да се настапи на светска сцена во нашата земја. Конечно во чекор со времето“, вели Невена Божовиќ по повод својот настап и додава: “Големо е задоволството што сум дел од ваков проект, мислам дека тоа му недостасува на регионот, мислам дека тоа им недостасува на музичарите, да бидат на едно место, да се дружат и да настапуваат заедно, да пеат во живо, пред сè, и да бидат на голема сцена.“