Горди! Има на што да бидеме горди. На одлична песна, одличен изведувач, одлично претставување, одличен сценски настап и на влегување во финале на Евровизија.
Сношти во Тел Авив се одржа втората полуфинална вечер на Избор за песна на „Евровизија“ на која настапуваа 18 држави.
Тамара Тодевска настапуваше под реден број 17 со песната „Proud“ и не направи горди. Емотивно и моќно, Тамара владееше на евровизиската сцена, а на крајот од изведба и пушти солзи.
По шест години, Македонија конечно успеа да влеѕе во финале, а тоа покажа дека добрата песна и квалитетот секогаш го наоѓаат патот до успехот.
Од сите страни пристигнуваат честитки и пофалби за нашата претставничка.
По изведбата и по прогласувањето на државите кои ќе влезат во финале, Тамара имаше прес конференција и ги покажа своите први импресии.
„По шест години Македонија е во финалето. Ние сме многу горди, дечки. Јас сум многу горда, јас сум многу среќна. Сакам да се заблагодарам на мојот тим. Ве сакам. Направивте неверојатна работа. Јас сум горда на мојата држава, на моите луѓе“ истакна пејачката.
Тамара во сабота ќе настапи oсма на евровизиската сцена, па и посакуваме среќа.