Мегафон

Изложба на Рубенс Корубин во „Чифте Амам“

Изложба на Рубенс Корубин во „Чифте Амам“

Во Чифте амам на 8 октомври од 20 часот ќе биде отворена изложбата „Ателје, Радоста на сликањето“ на сликарот Рубенс Корубин.

Корубин веќе долг низ на години се наоѓа во самиот врв на современото македонско сликарство. Тој работи во повеќе медиуми (сликарство, цртеж, графика, и мозаик), а неговите дела претставуваат ретки, совршени унии помеѓу темата и начинот на експресијата.

„Уметноста на Корубин сведочи за исклучителна способност за прикажување на едно ретко емотивно богатство, а ги поседува и сите знаци на големо сликарско мајсторство. Еден романтичен сликар, тој е уметник кој ја искажува сопствената деликатна визија и сопственото разбирање на материјалните и емотивните елементи кои го сочинуваат нашиот свет“, се вели во најавата за изложбата.

На изложбата ќе бидат прикажани негови нови дела, настанати во последните неколку години. Покрај новосоздадените, истовремено, на изложбата ќе бидат поставени и постари дела во сопственост на авторот, дел од неговата лична колекција, со што таа добива и ретроспективен карактер, правејќи пресек и на претходните фази во неговиот ликовен опус.

„’Ателје, Радоста на сликањето’ е еден своевиден јубилеј со кој авторот одбележува седумдесет години живот и четириест и пет години од дипломирањето на Ликовната академија во Белград“, стои во најавата за изложбата.

To top