„Приказната за Анемари, мало еврејско девојче од Данска во времето на холокаустот, која е раскажана во романот „Изброј ги ѕвездите“ е вистинска, а воедно е само една трогателна сторија која за среќа завршува позитивно за разлика од онаа на 1.500.000 деца кои беа убиени во Втората светска војна.“ Ова го истакна Жаклина Мучева, раководител на Секторот за истражување, документирање и архивирање во Фондот на холокаустот на Евреите во Македонија, на вчерашното излагање на онлајн промоцијата на книгата чиј автор е Лоис Лаури. „Изброј ги ѕвездите“ е во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, во соработка со Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија .
На промоцијата зборуваа: Мучева, уредникот на „Изброј ги ѕвездите“, Бисера Бендевска, додека младата Мартина Атанасова прочита два извадока од делото. Дејството во романот го води 10-годишната Анемари Јохансен која со своите родители и помалата сестра живее во Копенхаген во екот на Втората светска војна. „Изброј ги ѕвездите“ е роман за хероизмот на една цела држава и нејзината нација која застанува во одбрана на своите сограѓани Евреи, ковајќи план да го прошверцува преку море до Шведска целото еврејско население од Данска (речиси седум илјади луѓе). Приказната во „Изброј ги ѕвездите“ е преземена од вистински настани. Во воведот, авторката и јавно ѝ се заблагодарува на својата другарка од Данска, која ѝ ги пренела нејзините спомени од детството во Копенхаген во 1943 година и станала модел за ликот на 10-годишната Анемари Јохансен.