Мегафон

И танц-клубовите на протест: Бараат да им се укине забраната за работа

И танц-клубовите на протест: Бараат да им се укине забраната за работа

Танцовите центри во земјава, вкупно 46, бараат укинување на забраната за нивна работа и финансиски надомест за претпрените штети изминатата година. И тие од вчера се приклучија на протестите на туристичко-угостителкиот сектор и сметководителите, поради, како што соопштија, нелогичностите при постапувањето на Владата со новите рестриктивни мерки кои опфаќаат затворање на овие институции и спречено вршење на нивната дејност, засега до 27 април 2021, но со веројатност за продолжување.

Танц-клубовите предупредуваат дека дејноста е пред колапс, а 6.000 деца се спречени во својата омилена активност – танцувањето.

Иако последните изјави на Владата се однесуваа на финансиско компензирање на сите правни субјекти кои беа затворени изминатиот период, како и лани, така и сега, танцовите клубови не фигурираат на списокот на субјекти кои ќе добијат надомест на штетата. Бараме одговорност од Владата, бидејќи ваквата одлука е во најмала рака некоректна и нецелосно промислена. Уште повеќе, бараме образложение за причините поради кои танц-центрите се затвораат, се наведува во соопштението.

Воедно се потсетува и дека лани, танцовите клубови беа први на списокот за затворање, но по нивна макотрпна работа и соработка со танцови центри ширум Европа (Данска, Холандија, Хрватска, Словенија), следејќи го примерот на колегите, здружени, сами создадоа протокол за работа кој беше одобрен по шест месеци од нивното затворање (март-септември).

Иако веќе претрпе големи штети без да биде компензирана, на стаклени нозе, танцовата заедница почна да заздравува. Во наредните седум месеци откако танцовите клубови повторно се отворија, од нив предложениот протокол се покажа целосно ефикасен. Всушност, во рамките на седум месеци работа, не се појави ниту еден случај на заболено дете, а уште помалку кластер и протоколот беше целосно испочитуван како од центрите, така и до членовите и нивните семејства, што вклучува навремено јавување при појава на случај на суспектен или заболен од КОВИД -19 во семејствата и изолирање на цели групи како претпазливост. Танцовите центри во целост ја променија формата на своето работење, со ограничувања на бројот на деца во сала, комплетни процедури за дезинфицирање и вентилирање на просториите, скратување на работното време на половина – најмногу четири часа во денот, вклучувње на паузи по секој час и обележување на просторот за движење и користење, објаснуваат танц-клубовите.

Танцовите центри прашуваат зошто воопшто се затвораат и зошто не се дискутираат можности за прилагодување на протоколите, како и можности за владина помош која ќе ги компензира барем делумно штетите кои ги трпи танцовата заедница.

Во рамките на нивната иницијатива, се повикуваат на одговорност надлежните да ја препознаат важноста на психо-физичкото здравје кај младите, и директното позитивно влијание на танцот врз здравјето, растот и развојот на децата. Притоа, танцот балансирајќи помеѓу уметничките и спортските аспекти кои произлегуваат од спецификите на неговото изучување и изведување, создава поттикнувачки контекст за развивање на социјални вештини и позитивни вреднсти, како: солидарност, соработка, поддршка, тимски дух, заедништво, кои се неопходни за задржување на здрав дух во едни вакви тешки времиња. Истовремено, незадоволството на танцовите центри е потсилено од фактот дека останатите спортски и уметнички активности во земјата не се спречени, иако голем дел од нив групни, па танцовите центри реагираат дека одлуката на Владата е селективна и дека во целост ги повредува нивните права, нагласуваат танц-клубовите.

На 21 април 2021 танцовите и балетските студија испратија допис со слична содржина до премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Фатмир Битиќи, министерката за култура Ирена Стефоска и министерот за здравство Венко Филипче, кој јавно беше објавен и на нивната офицјална фејсбук-страница.

 

 

To top