Мегафон

IN MEMORIAM: Почина Елена Мисиркова

IN MEMORIAM: Почина Елена Мисиркова

Почина познатата пијанистка со светска кариера Елена Мисиркова-Лоза, правнука на македонскиот преродбеник Крсте Петков Мисирков.

Мисиркова беше реномирана македонска пијанистка, интернационално афирмирана, која беше родена во Скопје. Средното музичко образование по пијано го завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје. Дипломира и завршува постдипломски студии по пијано на Државната музичка академија „Гнесини“ во Москва, Русија.

Од 1989 до 1994 година специјализира на Виенскиот конзерваториум во Виена кај професорот Леонид Брумберг. За време на студиите носител на стипендија за талентирани млади уметници на Македонија/Федерална влада на Југославија, стипендија за постдипломци на Република Македонија, стипендија на Министерството за образование на СССР и стипендија на СССР за постдипломски студии по препорака на Дипломската комисија.

Од 1987 до 1989 година, Мисиркова е професор по пијано во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“. Од 1997 до 2002 година, работи како асистент по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Од 1992 до 1994 година, таа е професор по пијано во Виенска приватна школа.

Носител е на награда за исклучителни уметници на Фондацијата „Хуго Брајтнер“, две први награди на републичките натпревари на пијанисти во Скопје и трета награда на Сојузниот натпревар во Белград, Југославија.

Мисиркова беше еден од организаторите на Денови на македонската култура во Австрија во 2001, 2010 и 2014 година, како и на изложбата на австрискиот југендстил-мозаичар и автор Леополд Форстнер во Охрид и во Скопје.

Беше музички советник при МОБ од 1999 до 2001 година. Во 1989 година е пијано асистент на виолинската мајсторска школа на проф. Е. Чугаева, а во 2000 година е асистент на семинарот за чембало на проф. М. Хамбицер во Келн, Германија.

Изминатите години живееше и твореше во Виена, Австрија.

Мисиркова беше дел на граѓанска иницијатива „За заедничка Македонија“ при минатогодишните масовни протести.

To top