Државниот балет на мраз од Санкт Петербург доаѓа повторно во Скопје. На 1-ви декември, на сцената на МОБ ансамблот на лизгалки овојпат ќе ја изведе на претставата „Заспаната Убавица“ од Петар И. Чајковски. Станува збор за балетски спектакл на мраз што Државниот балет од Санкт Петербург го изведува на речиси сите светски балетски и оперски сцени.
Премиерата е со почеток во 19.00 часот и истата е речиси целосно распродадена, па поради големиот интерес закажана е уште една претстава во истиот ден, со почеток во 21.30ч.
Во 2016 год., Државниот балет на мраз за прв пат гостуваше со изведба на познатото балетско ремек-дело „Лебедово езеро“ и побуди голем интерес кај македонската публика. Токму поради тоа наместо планираните две претстави во МОБ, се одржаа четири, кои беа наградени со громогласни аплаузи и овации. Минатата година со истиот интензитет на интерес кај македонската публика, беше изведена „Оревокршачка“ на мраз.
Државниот балет на мраз од Санкт Петербург е основан во 1967 година од извонредниот кореограф Константин Бојарски и претставува успешно продолжение на традиционалната руска школа за класичен балет. Бојарски бил поранешен солист на светски познатиот балет „Марински“ и школски другар на славниот Рудолф Нуреев. Играл со Михаил Баришњков и Наталија Макарова. Музички директор и коосновач на оваа балетска куќа е Лео Коркин, познат руски диригент.
Во балетската компанија има повеќе од дваесет танчари што имаат титули во уметничко лизгање. Од 1995 година балетот на мраз од Санкт Петербург игра и на сцените на светските оперски и балетски куќи. На нивниот репертоар се познатите балети на Петар И. Чајковски – „Заспаната убавица“, „Лебедово езеро“ и „Оревокршачка“, како и балетите „Ромео и Јулија“ и „Пепелашка“ од Сергеј Прокофјев. Сите изведби ги поставува кореографот Константин Расадин. Оваа балетска компанија првпат ги постави класичните балети во класични костими и сценографија на мраз инсталирана на сцена на театар. Во последните години овие продукции успешно се претставени на сцените на САД, Канада, Европа, Кина…
Билетите за втората претстава на овој балетски спектакл на мраз – „Заспаната убавица“ на мраз, се веќе пуштени во продажба од четврток (18.10.2018 год.)и истите може да се набават преку продажната мрежа на www.kupikartizase.com, билетарницата на МОБ, „Пола Југотон“ и цвеќарница „Розе“ – Веро 2.