Радио Милева
Пред да мрднеш со прст, стави прст на чело:

„Хуманитарна“ политика: Дани во нов дизајн од стара облека… од „Шарената револуција“!

„Хуманитарна“ политика:  Дани во нов дизајн од стара облека… од „Шарената револуција“!

„Мрдни со прст“ ја покренаа својата нова хуманитарна акција „Сите стоплени во зима“, во чии рамки се одржа завршната вечер – големата хуманитарна модна ревија во МКЦ – Скопје. На неа 15 македонски модни дизајнери ги претставија своите модни креации направени од стара облека.

Во улога намодели и манекен(к)и пак, се појавија личностите од јавниот живот во македонија кои доброволно го прифатија предизвикот. Идејата – повеќе од добра: старата износена зимска облека која повеќе не ја носиме да им се најде на луѓето од ранливите категории на кои таа им е најпотребна! „Акција за нов живот“ – како што самите ја нарекоа организаторите.

За нов живот, како што замислуваа организаторите или за нова политичка кампања, која некој се обиде да ја протне или во најмала рака да не потсети на своето не така далечно, (не) славно „шарено минато“?

Имено, меѓу сите „ѕвезди од модели“ кои ги претставуваа креациите се најде и македонската поп-рок пејачка Дани Димитровска.  Креацијата ќе ја оценуваат модните критичари, ама она што на прва паѓа в очи на неа, дека наместо хуманитарната порака што треба да ја носи, таа како да ја носи онаа другата… политичката!

Моделот кој го носеше пејачката веројатно ќе стопли некого во зима, ама очигледно некој со дизајнот, случајно или намерно се обидел да ги „стопли и срцата“ на своите политички истомисленици,  подметнувајќи политика и политички симболи и асоцијации на една одреден општествена групација и сето тоа под плаштот на хуманоста и модата.

Зашто од креацијата во која беше променета рокерката, ако е веќе стара облека во прашање,  јасно се гледа дека некој истата ја носел за време на големите протести од времето на политичката криза, односно сквернавењето и уништувањето на институциите и културните добра за време на таканаречената „Шарена револуција“!  Или дизајнерот можеби самиот отпосле ја исшарал? Па дури и да не е сето тоа така, посочениот модел несомнено многу наликува и асоцира на тоа, па акцијата наместо хуманитарен, добива политички колорит!

Можеби ова некому му годи и му оди во полза, па задоволно ги трие рацете, ама колку за потсетување… Со „шарените“ и нивното „шарено дивеење“ не се согласуваше повеќе од половина држава, а предизвиканата штета се брои во стотици илјади евра!

Затоа и е неумесно,  уште помалку етички и морално, а најмалку хумано,  воопшто политиката и нејзините симболи да се мешаат во хуманитарни цели. Особено ако само некому му одат во прилог, а останатите ги навредуваат!

Ама очигледно, тешко ни оди… Затоа  веќе следниот пат, пред да мрднеш со прст, прво стави го прстот на чело и добро размисли: Што тоа правиш и кому му служиш?!

 

 

Останати вести од Радио Милева