Официјални, во костуми, на говорници, изјави, прес-конфереции, политички средби и состаноци. Најчесто јавноста вака ги знае и памети политичарите. Но, која е  другата страна на политиката, онаа човечката?

Меѓу бројните работни обврски и активности, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за неа меѓудругото говореше и во своето новогодишно интервју за ТВ Алфа. За тоа како и покрај се  тој наоѓа време и за спорт. Како што и самиот вели, два до три пати во неделата го искачува Водно, а исто толку време поминува и во теретана. Ја сака кошарката и навива за Работнички, а во новогодишното интервју откри дека идол му бил Тони Кукоч.

Мицкоски вели дека како мал голем дел од времето го поминал со својот дедо Стојан. Се потсетува на прошетките во Градскиот парк, кај градскиот стадион, Луна паркот. Вели дека живеел убав семеен живот, опкружен со голем број роднини. Првите букви ги научил токму од неговиот дедо, за кого вели дека има напишано Библија за деца која и денеска се продава во Соборниот храм.

-Практично тој ме описмени, тој ме научи првите букви да ги пишувам, првите равенки по математика, да ги собирам бројките, да ги одземам и така натаму. И навистина имаше еден прекрасен ракопис, би рекол красноспис. И сето тоа беше напишано на лист нормално потоа прекуцано, обработено компјутерски, а ние  како семејство го финансиравме тоа издание на таа Библија за деца, која мислам дека и до ден денес во Соборниот храм, во центарот на градот, може да се најде, вели Мицкоски во интервјуто за Алфа.

Како што е познатио Мицкоски е универзитетски професор, машински инженер. Докторирал на вештачка интелегенција, а практичниот дел го работел во Германија.

-Кога денеска зборуваат за вештачка интелегенција, можам да кажам јас докторирав на фази логика. Тоа е вештачка интелегенција, имате генетски алгоритми, фази логика и невронски мрежи еден од тие три алгоритми јас го употребив во мојата докторска теза. Тоа е фази логиката… оптимирав да речеме траекторија на манипулационен робот, експерименталниот дел го завршив на Универзитетот на Ил Мена во Сојузна Република Германија. Така да и тогаш тоа беше прилично актуелно, но и денеска тоа е актуелно, истакнува Мицкоски.

Мицкоски во однос на неговото семејство истакнувал дека се како и секое просечно семејство во Македонија. Мицкоски со сопругата Рози, која работи како професорка по македонски јазик, се долги години заедно, од студентските денови. Во брак се од 2005 година и се горди родители на нивните два сина, Јован и Антони.

Во семејството Мицкоски јануари е значаен месец во кој покрај празниците кога на Бадник го слават именденот на Христијан, го празнуваат и 20-ти јануари, големиот празник Свети Јован односно именденот на постариот син, а десет дена подоцна, на 30 јануари семејството го празнува Свети Антониј, именденот на помалиот син.